Доаѓаат се поладни и поладни денови, а со нив и сезоната на кивање, кашлање, црвени и мрсулави носиња. Респираторните инфекции најмногу ги погодуваат децата, и тоа оние од предшколска возраст, а едно истражување направено од група американски педијатри покажало дека од ваквите инфекции децата се разболуваат 6 до 8 пати годишно, односно скоро секој месец во сезоната на инфекции која трае од септември до април.

Педијатрите велат дека постојат повеќе причини за ова. Тие истакнуваат дека респираторните инфекции кај децата најмногу ги предизвикуваат риновирусите, кои ги има во повеќе од 100 видови, така што после инфекцијата, останува имунитет само на одреден тип на вирус.

Исто така, во ладниот период од годината, децата многу време поминуваат во затворени простории каде што полесно се пренесуваат бактериите и вирусите. На крајот, имунолошкиот систем на децата од предшколска возраст е сеуште во развој. Капацитетот на возрасен имунолошки систем се достигнува дури во 12-тата година.

10 часа сон

Постојат неколку работи кои родителите можат да ги направат за да го ојачаат имунитетот кај децата. Пред се, треба да внимаваат децата доволно да спијат и да бидат физички активни. Сонот е многу важен за одмор од дневните активности и за растењето. Во текот на спиењето се создава хормонот за растење, но и различни компоненти на имунолошкиот систем. За децата од предшколска возраст е оптимално да спијат по 10, а за постарите деца – од 7 до 8 часа дневно.

Кога станува збор за физичката активност, на најмладите им е потребно минимум половина час играње, трчање, возење веосипед, или нешто слично и тоа секој ден.

8 чаши течности на ден

На децата им се потребни течности, и тоа вода пред се, а потоа и млеко, јогурт и природни сокови, додека газираните сокови кои содржат шеќер и вештачки засладувачи треба да се избегнуваат. Млекото и јогуртот се богати со калциум кој е важен за развојот на коските. Исто така, ензимите во јогуртот му ја враќаат рамнотежата на дигестивниот систем, а особено е добар јогуртот со додаток на пробиотици. Педијатрите препорачуваат околу 8 чаши течности на ден, а за време на болест, двојно повеќе.

Што повеќе овошје

Свежото овошје и зеленчук се најдобрите извори на минерали, витамини, и антиоксиданти. За одредени видови на овошје е дури и докажано дека ја поттикнуваат функцијата на имунолошкиот систем, а такви се јагодите, боровниците, кајсии, банани. Од зеленчуците, во оваа група спаѓаат: доматите, брокула, спанаќ, морков, тиква, лук и кромид. Ограничете го внесувањето на слатки, бидејќи шеќерите делуваат имуносупресивно. Тие го намалуваат бројот на леукоцити и го спречуваат создавањето на антитела. Избегнувајте на децата да им давате и т.н. брза храна, а наместо тоа, зголемете го внесот на добри маснотии како маслиново масло и риба.

loading...