Во 60-тите години на 20-от век било констатирано дека селенот е неопходен елемент за човечкиот организам, а вниманието кон селенот нагло се зголемило по 1983 година кога на меѓународниот конгрес одржан во Пекинг, научниците од многу земји своите научни статии ги посветиле токму на селенот и неговата улога во организмот.
За него велат дека е „биокоректор од виш степен“. Зошто? Иако човечкиот организам содржи приближно 20 мг селен, заедно со цинкот, калциумот и калиумот влегува во состав на повеќе од 200 ферменти и хормони. Најголем дел од селенот е сместен во бубрезите, црниот дроб, срцето, слезинката и во тестисите кај мажите. Неговата улога на „биокоректор“ се должи на повеќе нешта. Селенот е СИЛЕН антиоксидант и овозможува заштита на еритроцитите и мембраните на клетките од силните слободни радикали. Дејството на селенот не само што е слично на она на витаминот Е туку и го засилува неговото дејство. Внесувањето на селен во организмот го успорува процесот на стареење. Тој учествува во синтезата на коферментот Q-10, ја подобрува состојбата на косата влакната и ноктите. Ја зголемува рерпродуктивната моќ кај мажите.
Селенот му помага на организмот да се штити од разни болести. Тој помага така што го зголемува производството на леукоцитите и нив ги штити од слободните радикали кои пак се формираат како резултат на борба на организмот со разни инфекции. Се мисли дека потпомага во формирањето на антителата и го контролира растот на разни тумори, вклучувајќи ги тука и оние на ракот. Способноста на селенот да создава антитела значи покачување на имунитетот, а тоа значи зголемување на способноста на организмот да се бори против разни инфекции.

Ферментите кои содржат селен учествуваат во метаболизмот на хормоните на штитната жлезда. Истражувањата покажале дека кај повозрасните лица дејството на штитната жлезда зависи директно од нивото на селен присутен во организмот. Селенот е важен за нормалната работа на црниот дроб, за синтеза на протеините (белките), го штити организмот од разни токсични елементи како на пример од арсенот, кадмиумот, живата и оловото.

Експериментите правени врз животни покажале дека зголемена содржина на селен во организмот го успорува напредокот на онаа страшна болест наречена рак, а во некои случаи дури и го спречува. Во прилог на ова е фактот што кај болните од рак е утврдена ниска содржина на селен во крвта. Додуша, сеуште не е утврден механизмот на дејствување на селенот врз организам заболен од рак, но за нас тоа и не е толку важно. Важно е да имаме предвид дека присуството на селен во организмот има големи шанси да не заштити од оваа подмолна болест.

Дневна потребна доза

Долго време не се знаело колкава е дневната потреба од селен во човечкиот организам. Подоцна се прифатила вредноста од 50-70 μг (микрограми), односно 55 μг за жени, 70 μг за мажи, а за деца потребната количина изнесува околу 1 μг на 1 кг тежина. За бремени жени, мајки доилки, спортисти, пушачи, потребите од селен се поголеми – до 200 μг на ден. Колку за информација, 55 μг = 0,000055 г. Ако се решите случајно да пиете таблетки со селен без претходна консултација со стручно лице (што, нормално, не е препорачливо) тогаш треба да ви биде познато дека не смеете да конзумирате повеќе од 50 μг на ден, но и дека селенот треба да се внесува заедно со витамините Е и С. Зголемени дози на селен можат да доведат до заболување познато како селеноза (selenosis), чии симптоми се кршливо влакно на косата, опаѓање на коса, кршливи нокти, нарушување на работата на органите за варење, кариес на забите. Инаку, селенот во голема доза претставува отров.

Каде се наоѓа селенот?

Кажано со еден збор, СЕКАДЕ. Нема продукт каде што отсуствува селенот, макар и во траги, а во организмот се внесува исклучиво преку храна. Многу селен има во морските плодови, рибите, особено во сардината, ракчињата и лигњите. Го има во говедските и телешките бубрези, во црниот дроб, срцето. Селенот е застапен во жолчката на јајцата каде што е присутен и витаминот Е.
Зрнестите продукти се богати со селен, но само оние нерафинираните. Брашното од цело зрно е богато со селен, но најмногу го има во морската и камената сол. Продукти од растително потекло кои се богати со селен се триците, `ркулци од пченица, пченка, домати, квасец, печурки, лук, црн леб, и пецива направени од интегрално брашно. Пченката претставува едно од најбогатите, а истовремено и најдостапни извори на селен. Истото се однесува и на лукот.
Во принцип, содржината на селен во соодветниот продук зависи многу од регионот и составот на почвата и водата каде што тој продукт се одгледува. Ако почвата не содржи селен, тогаш и соодветната култура нема да содтжи селен.
Освен пченката, богат со селен е и квасецот, особено пивскиот во кој не само што го има во голема количина, туку и се наоѓа во таква биолошки активна форма што лесно се усвојува од страна на организмот. Според нутриционистите, доволно е да се консумира 2 г квасец на ден за да се задоволат потребите на организмот од селен. НО внимавајте. Пивскиот и пекарскиот квасец не се секогаш корисни за организмот. Имено, квасецот претставува едноќелијна габичка, што значи во организмот се внесува нешто живо кое продолжува да живее, и тоа може да нанесе штета која настанува заради тоа што, како прво, касецот содржи премногу разни нуклеински киселини. Секако, тие се растворливи во вода, па можат да се измијат од квасецот со помош на вода, но голем е ризикот заедно со нив да си замине не само селенот туку и витамините од групата В кои, исто така се растворливи во вода, а се присутни во квасецот. Како второ, габичките од квасецот, откако се внесени во желудникот, продолжуваат да живеат и да се размножуваат затоа што за тоа имаат добри услови. Тие се хранат со витамините од групата В и со биотинот кој е одговорен за имунитетот на организмот на човекот. Тие (габичките) ни го „јадат“ биотинот, што не е добро. Овие две работи можат да се избегнат на тој начин што пред да се внесат во организмот, квасните габички треба на некој начин за се уништат. Со оглед на тоа што тие се уништуваат само на 60 степени целзиусови потребно е квасецот да се залее со зовриена вода, да постои кратко време, па дури потоа да се конзумира. Се препорачува таквиот кавсец да се консумира БЕЗ ШЕЌЕР, а подолу ќе прочитате зошто.

Во табелата што следува е дадена содржината на селен во некои продукти со напомена дека, заради тоа што методата на определување на селенот во продуктите е една од најкомплицираните методи, можни се одредени грешки. Исто така треба да се има предвид дека содржината на селенот зависи и од составот на почвата и водата каде што се одгледува соодветната култура.

Продукт                                                               Содржина не селен во μг на 100 г продукт

Остриги (сушени)                                             110
Бели печурки (сушени)                                 100
Кокос                                                                       80
Ф’стаци                                                                    45
Сланина                                                                  20-40
Лук                                                                            20-40
Пченица                                                                  до 40
Бел леб                                                                   18-25
Фета сирење                                                         25
Морска риба                                                        2-20
Пченка                                                                    18
Гриз                                                                          15
Брашно од пченица                                          8-15
Хељда                                                                      14
Туна                                                                          12
Овесни снегулки                                               12
Наут                                                                         12
Пченични трици                                                11
Јајца                                                                         7-10
Ориз                                                                          10
Грав                                                                           9
Грашок                                                                    8
Семки од сончоглед                                        7
Соја                                                                            6
Говедски црн дроб                                           4-6
Говедско месо                                                    1-3,5
Мајчино млеко (100 мл)                               1-3

Што предизвикува недостатокот на селенот?

Недостатокот на селен најчесто доведува до определени заболувања како на пример болести на кожата, косата и ноктите, разни воспаленија, алергии, доаѓа до намалување на синтеза на протеини, дегенеративни промени во миокардот и мускулите во целина. Дефицитот исто така може да влијае на синтезата на тироидните хормони, зголемување на склоноста кон формирање на тумори, катаракта, се намалува визуелната острина на очите, но води и кон намалување на имунитетот. Недостатокот на селен влијае на синтезата на хормоните на штитната жлезда, но и врз регенерација на повредените ткива.

Кој е непријател на селенот?

Најголем непријател на селенот се шеќерите. Слатките, тортите, колачите се способни делумно или потполно да го задушат дејството на селенот. Тоа значи дека ако се откажете од благичкото (ако можете), го сочувувате селенот во својот организам. Запомнете дека селенот не се усвојува од страна на организмот во присуство на шеќери.
Уште една работа што треба да се има на ум е дека во текот на обработката на продуктот селенот се губи и помалку го има во конзервирана одошто во свежа храна . Токму затоа, конзумирајте колку што можете повеќе жива, термички необработена храна.