Љубовта кон водителството повторно ја врати онаму каде што припаѓа. Пред Тв камерите, овој пат во улога на ко-водител на популарното шоу „Танц со ѕвездите“. Во некоја следна прилика можеби ќе поразговараме и за други теми, но доследно на Мигусто приказната, си поприкажавме со Симона за нејзините гастрономски навики.

За разлика од многу млади луѓе кои често јадат од нога на брзање, Симона вели дека тоа многу ретко и се случува. Сака да ужива во храната, сака со љубов приготвена храна. „Затоа кога ручам, тоа го правам со уживање и секако во добро друштво, или со пријателите или пак со моите родители. Кај нас дома се трудиме колку што има можности и време да функционира оној традиционален фамилијарен ручек за ете така натенане седнеме сите на трпезата“, додава таа.

За односот кон здравата исхрана и броењето калории, таа вели дека никогаш ниту броела ниту планира да почне да брои калории. За неа секоја девојка која сака да симне неколку килограми тоа мора да го направи не со броење калории туку само со здрава исхрана. „Само со здрава исхрана можете да ја победите дебелината, а и да ја задржите витата фигура. Секако се е до човековата психа, па се додека има граници и истите не се пречекоруваат, проблеми со килограми нема да има. Често пати луѓето знаат да заборават на фактот дека не живеат за да јадат туку јадат за да живеат“.

Симона и Тончи- водителскиот пар од „Танцот на ѕвездите

Симона и Тончи

Нејзиниот најголем кулинарски специјалитет за кој вели дека не може да каже дека е експерт, но прилично добро го приготвува се тестенините во разни варијанти, често експериментира и секогаш резултатот е одличен. Бидејќи фамилијарно често приготвуваат макриобиотска храна во нејзиниот фрижидер мора да има свеж зеленчук. Покрај тоа печурки и млечни производи, а ни се пофали и за мајонезот од соја која редовно го јаде како додаток во исхраната.

Од омилените рецепти, мора да ги спомене речиси сите од македонската кујна, но и од макробиотската, како на пример пржен сејтан со ориз, тестенини со четири сирења, вегетаријански лазањи, печурки приготвени на било каков начин со многу зачин. Важи за пребирлива личност и не пробува било што од љубопитност. Не сака месо кое иако не и е исфрлено од исхраната, не и е на приоритетната листа.

Кога би отворила свој ресторан на менито вели дека мора да доминира здравата исхрана. „И нема да ги има оние стандардни рецепти кои ги има во класичните мениа, туку нешто сосема поинакво, многу зелечук, соја, тофу, сејтан. Специјалитет на куќата сигурно би бил некој добар рецепт со печена риба„ вели Симона.

Омилена пијалок...Бело вино
Oмилена салата… Сите салати ми се омилени
Омилен десерт…Незаменливата домашна чоколадна торта
Омилен ресторан… Arabesque ,во пријатна атмосфера каде можам да уживам во храната приготвена од врвни мајстори.

Омилено дневно мени
Појадок…….Варен ориз со мајонез од соја.
Ручек…. Македонска традиционална манџичка приготвена од мама секако без месо, пилешко во кари сос , тестенини.
Вечера…..За крај на денот доволно е само чајче или цеден сок, но и по некоја палачинка ако не можам да и одолеам.