Дали ви се случило да застанете на вага и да не забележите никаква значителна промена и покрај тоа што веќе некое време сте на диета? Можеби проблемот е во скриените шеќери на кои досега не сте им обрнувале никакво внимание. Истото важи за приврзаниците на сдравата исхрана кои ја имаат исфрлено или намалено употребата на шеќери, но не сметаат на некои скриени шеќери кои обично се напишани со ситни зборови на дното од декларацијата на производите.

Белиот шеќер е особено штетен, и бројните истражувања направени во последните години веќе неоспорно го имаат докажано тоа. Освен што е штетен по здравјето, белиот шеќер создава и зависност, што значи дека колку повеќе го конзумирате толку повеќе ви се зголемува потребата за шеќер, без разлика на тоа дали го внесувате преку пијалоци, колачи, чоколади и сл. Дури, ако потполно го исфрлите од употреба, може да ви се случи неколку дена да страдате од вистинска зависничка криза.

Некои од скришните места каде што го има белиот шеќер можат да бидат во производи кои секојдневно ги користите. Затоа, прочитајте ја нашата листа на вакви производи и пробајте да ги отстраните од вашата исхрана.

1. Пијалоци

Веќе одамна е познато дека некои од најпознатите газирани, но и природни пијалоци во себе содржат прилично големи количества на шеќер. На пример, Кока Кола содржи дури 100 г шеќер во 1 литар, а позади не заостануваат многу ни ладните чаеви и сокови. Понатаму, најновите истражувања покажале дека шеќерот го има и во некои минерални води, особено во оние кои се збогатени со вкусот на некое овошје.

2. Чипс

На нашиот пазар, а насекаде во светот, има голем број на најразлични солени грицки, а еден од најомилените, па според тоа и најпродаваните е чипсот. Пржениот компир сам по себе не е здрав, поради што голем број на поддржувачи на здравата исхрана го избегнуваат. Иако чипсот е веќе доволно калоричен, производителите уште повеќе го појачуваат со додавање на шеќер, чија улога е да го истакне вкусот на солта, но и да додаде некои нијанси на сладок вкус.

3. Салата од конзерва

Салата со туна, со грав, со печурки, овошна салата… сите конзервирани салати во себе содржат и шеќери. Затоа, иако ваквите салати можат да ви изгледаат како едноставно и брзо решение, особено ако одите на работа и ако сте на некаков диетален режим на исхрана, сепак внимателно прочитајте го составот на салатата која ја купувате и најдобро, заменете ја со свежо овошје кое во себе ја содржи дозволената фруктоза..

4. Пилешко месо

Готовото пилешко месо спремно за употреба кое ве мами од полиците на маркетите, особено кога сте уморни и не сакате да размислувате што да правите за ручек или вечера, покрај различните додатоци и конзерванси, најчесто содржи и шеќер. Производителите неретко го користат шеќерот за да ги натераат купувачите повторно да се вратат и да го купат истиот производ.

5. Мед

Иако е сам по себе сладок, индустрискиот мед честопати е обогатен со дополнителни шеќери. Со тоа произведувачите добиваат на произведена количина, што нормално влијае на заработката, но иствремено и го менуваат вкусот на медот. За среќа, се уште живееме во земја со прилично “недопрена“ природа, па можат лесно да се најдат домашни производители кои продаваат чист мед.

6. Готови сосови

Готовите сосови за тестенини и за некои други комбинации, иако имаат слика од шарен зеленчук на амбалажата, во себе исто така содржат и шеќери. Наместо да користите вакви сосови, одлучете се за свеж домат, тиквички, модар палиџан и морков и направете си домашен сос кој нема да морате да го “појачувате“ со шеќери.

7. Конзервиран зеленчук (грашак, пченка…)

Судбината на готовите сосови ја делат и конзервираните зеленчуци. Грашокот, морковот, а особено конзервираната пченка содржат поголема количина на додаден шеќер.

8. Енергетски плочки и барови

Енергетските плочки и интегрални житарки во својот состав неретко вклучуваат и “глукозен сируп“, кој не е ништо друго туку обичен шеќер. Затоа, внимателно читајте ги и декларациите на ваквите производи, пред да им ја подарите својата доверба.

9. Брза храна

Брзата храна никогаш не е добар избор, особено ако се гледа од перспективата на нутриенти кои ги обезбедува, а особено треба да имате предвид дека ваквата храна исто така изобилува со шеќери.  Освен во сосовите за помфрит, салати и сл., шеќерите ги има и во пецивата за сендвичи.

10. Леб

И добрата стара намирница треба внимателно да се избира и да се купува само од проверени произведувачи ако сакате да ја избегнете конзумацијата на додатен шеќер. Затоа, внимателно читајте ги декларациите и гледајте што точно и во кои количини влегува во составот на производите.