Таа е една од нашите најпознати радио водителки. Долги години работи на култното Антена 5 радио. Во моментов Снешка е во Дубаи, каде стекнува повеќе искуства поврзани со радиото како медиум. Затоа оваа гурманска приказна ја започнуваме од таму. Од нејзините впечатоци за храната која може да се проба во оваа светска метропола.

“Зборувајќи за храната овде таа има уникатен вкус зошто содржи многу зачини и сето тоа дава богат вкус. Традиционалната арапска кујна содржи главно ориз,месо и риба.Со оглед на тоа што се живее на море имам можност да јадам морска храна секој ден, зошто ја обожувам !Локален специјалитет омилен немам, зошто обично содржи јагнешко месо, а јас не го јадам ..Инаку овде има разноразни кујни, индиска,таи,кинеска ,јапонска,турска,мексиканска,италијанска итн.. јас не сум многу прибирлива така што јадам од се по малку но омилени ми се Таи супите .”

За себе Снешка вели дека е гурман со големо Г. Но, мора да внимава што и како јаде зошто е склона на дебелеење. “Но, не се опседнувам до толку да бројам калории. Внимавам да се хранам здраво, секогаш гледам оброкот да содржи повеќе свеж зеленчук, одбегнувам леб и неправилни комбинации.”

Кога е во супермаркет, обавезно застанува во делот на млечни производи и зеленчук. Во нејзината корпа мора да има јогурт, брокула и нешто благо. Секогаш го проверува рокот на траење на производите кои ги купува, а често го чита и составот посебно за нешто што не го пробала до сега.

Нејзината листа на јадења кои не ги сака не е голема. Она што не може да го поднесе се комбинациите од внатрешни органи, како на пример цревца, а не сака ниту да помисли да проба пача. Најголем порок и се француските сирења, кифлите и домашните сарми.

Омилена национална кујна и е италијанската, а во последно време е навлечена и на тајландска храна. Португалија е земјата која секогаш ќе ја памети по вкусната храна која имала прилика да ја проба. Особено по изворедните рибни специјалитети и убавите бели вина.

Омилена пијалак – Вотка џус
Oмилена салата -Цезар и рукола
Омилен десерт – Панакота, чиз кејк
Омилен ресторан – Гурмет

Омилено дневно мени

Доручек…Мојот доручек е секогаш нес кафе со млеко, многу вода и енергетски чоколатца со житарки
Ручек…Салата задолжително во комбинација со риба или пилешко месо…кога ручам/вечерам со колегите, а тоа е често- тогаш редоследот оди вака-ракија,салата,поховани тиквички, маслинки, кромид, пиперки, печурки, сирење на скара,пинџурче и лепче со лукче
Вечера…обично доцна ручам па тоа ми е и вечера, но во исклучителни случаи тоа е салата од свежа марула, чери томато, печурки зачинето со маслиново масло и рузмарин