Дали на работа или дома, на излет или на прошетка, секогаш добро доаѓа да имаме при рака добар и сочен сендвич. Уште  ако е тој сендвич и здрав…па што може да биде подобро од тоа?

Најчесто за да си го задоволиме апетитот прибегнуваме кон многуте опции за брза храна кои ни се достапни скоро на секој екор. Но, ваквите сендвичи имаат слаба нутритивна вредност, најчесто се приготвени од чисто бело брашно, пржени во масло кое е често користено и премногу пати, а за квалитетот на продуктите и да не зборуваме. За да се поштедиме од ваквите ситуации, најдобро е сендвичите да си ги приготвуваме дома. На овој начин, не само што нешто ќе заштедиме, туку и ќе бидеме сигурни дека она што го јадеме е здраво и квалитетно. Во продолжение ви донесуваме неколку совети околу изборот на намирниците кои можете да ги користите во домашните сендвичи.

1. Избор на леб

Во огромниот избор на различни видови леб кој денес ни е достапен, полесно ќе можете да се снајдете ако едноставно ги исфрлите оние видови кои се најнездрави, а тоа се белите лебови. Сите други се мешавина од бело и некое друго брашно, и сите тие се во принцип подобри и поздрави.

Сепак, најдобро е да користите интегрален леб. Внимавајте само на составот кога купувате ваков леб. Треба да пишува дека е направен од интегрално брашно, но може да има и ‘ржано или некое друго брашно, па дури и цели семки или зрна.

2. Избор на проетини

Избегнувајте шунки, салами, и било какви сувомеснати производи. Освен што содржат натриум, ваквите производи изобилуваат со конзерванси. Наместо со нив, наполнете го сендвичот со парче туна, пилешко месо или месо од мисирка, тврдо варени јајца, но и било какво месо од вчерашниот ручек.

Секој сендвич ќе добие на вкус ако го збогатите со малку сирење. Користете моцарела или козјо сирење, или младо кравјо сирење што може да се намачка на лебот, па на него да се нареди парчето месо или туна.

3. Зеленчук

Наместо да користите зелена салата, која во сендвичот е најчесто безвкусна, искористете неколку ливчиња рукола или свеж босилек. Можете да ставите и свежа краставица или кисели краставички, во зависност од сезоната. Пиперките, морковите  и/или ротквиците се исто така добра варијанта.

4. Зачини

Во сендвичот додадете зачини како пар капки лимонов сок или оригано. Ако користите парче месо, добро ќе дојде и малку црн пипер или некое луто пиперче. Ваквите ситни детали можат навистина да направат разлика.

5. Подготовка

Некои сендвичи можат да траат подолго, а други не. Водете сметка во лето да ги приготвувате сендвилите што поблиску до времето предвидено за нивно конзумирање. Ако е пред вас долг ден, тогаш подгответе сендвич кој може подолго да стои. Ако имате кутија за ручек, или пак обичен платичен сад со капак, спакувајте ги состојките за сендвичот одвоено, па спојте ги дури кога ќе дојде време за јадење. На тој начин, сендвичите ќе ја задржат својата свежина и крцкавост и нема да бидат намокрени од состојките.

6. Комбинации

Секако дека покрај сендвичите секогаш има место за уште малку зеленчук. Спремете малку свеж карфиол или брокула, краставици или домати, и зачинете ги со маслиново масло и оцет. Не само што ваквата салатка ќе биде вистинско дополнение и освежување на вашиот сендвич, туку ќе ви овозможи и додатни влакна и витамини кои ќе ви помогнат побрзо да ја сварите храната.

7. Сосови

Наместо да користите мајонез, кечап или други индустриски сосови, направете си самите домашен сос. Искористете павлака или јогурт како основа. Во тоа замешајте малку испасирани домати, црн пипер или лути пиперчиња, по желба. Или пак само додадете свежи тревки и зачини. Јогурт или павлака измешан со малку власец и мајчина душичка е прекрасно освежување.

Паштета за мачкање на сендвичот можете да си направите и од риба. Испасирајте туна или сардина, додадете малку маслиново масло и неколку капки лимонов сок и намачкајте го лебот. Ваквата паштета најдобро оди со кашкавал, но слободно направете си некоја своја комбинација.

8. Слатки сендвичи

Освен горенаведените комбинации, сендвичите можете да ги направите и во слатка варијанта. Инегрално лепче намачкано со било каков џем или мармалад (особено ако е домашен) наликува повеќе на колаче отколку на сендвич. И за промена, додадете неколку ливчиња свежо нане врз џемот. Ќе се изненадите од резултатот, и тоа пријатно!

Добар апетит!