Некако ми се чини дека италијанската кујна кај и да е, ќе стане многу застапена на овие страници, а богами и со право. Не само што е вкусна, и лесна, и супер за овие жешки денови, туку и одлично изгледа. Немате каде, мора да признаете дека е супер!

Туку, друго нешто сакав да ви кажам. Гледам тука има некои фини рецептчиња за тестенини (сос од маслинки, бел сос, карбонара, алфредо..), ама никој бе никаде не кажува колку е проблематично и напорно јадењето на шпагети со овие сосови! (Ммммм….можеби затоа се спомнуваат таљатели и фусили и макарони и така натаму, а не шпагети).

Сакам да кажам, јас барем би требало да знам што значи да се мачиш со долгите црвчиња. Од толку мачење, почнав да ги јадам со нож и со вилушка (културно си ги сечкам, залче по залче), додека домашниве не почнаа да ме зафркаваат. Кога се спремав да одам во Италија дури и изричито ми забранија така да јадам, за да не дојдат келнерите во искушение да ме исфрлат од ресторан! Значи, МОРАВ да јадам шпагети со навртување на вилушка, а колку тоа е мачно претпоставувам дека веќе си знаете.

Сеедно, од пред некое време веќе не се мачам, бидејќи си ја најдов оваа специјална вилушка за навртување на шпагети, и тоа на батерии! Лудница, што да ви кажам. Си седиш и си ја држиш вилушката, а таа сама си ги навртува шпагетите. Ех, што си ги сакам овие алатки!

Инаку, достапна е и старата верзија на оваа вилушка (десно на сликата), ама не сум до толку безчувствителна па да ви кажам каде можете да ја најдете!