Квалитетната храна во вечерните часови е добра за обнова на оштетеното мускулно ткиво во вашето тело. Јадењето на соодветна храна пред заминувањето во кревет ќе му ја даде на вашиот организам потребната енергија и ќе ви помогне да ја одржите добрата форма. Но, внимавајте, погрешно избраната храна не само што нема да ви помогне туку и ќе ви донесе зголемување на масните наслаги.

Телото има потреба од енергија и во текот на ноќта

Некои луѓе одбиваат да јадат пред да заминат на спиење бидејќи мислат дека јадењето во доцните часови е причина за појава на вишок килограми. Всушност, не треба да ве загрижува внесувањето на храна во доцните часови, туку видот на избраната храна и вишокот калории. Иако енергијата и треба да ви се намали кога одите на спиење, таа сепак не треба да опадне до нула. Вашето тело во текот на ноќта ги обновува оштетените мускулни ткива и за тоа му се потребни соодветни хранливи материи. Токму поради овој процес на обновување и треба да се касне нешто пред спиење, бидејќи во текот на следните 6-8 часа сте во фаза на пост. Не постои друг период во текот на едно деноноќие кога поминувате толку долго време без јадење. Особено ако редовно вежбате или се занимавате со некоја друга физичка активност, спењето пред јадење е неопходно, велат експертите. Идеално би било да каснете малку свежо сирење, цели варени јајца или некој напиток богат со протеини.

Храна која споро се вари

Најдобрата храна за оброци и грицкање во текот на ноќните часови е храната која споро се вари. Ваквото варење ќе им овозможи на внесените калории да се преработуваат во текот на ноќта, и тоа не сите одеднаш. Добри примери за ваква храна се сирењето, варените јајца и протеинските напитоци како што веќе спомнавме, но и туната, пилешките гради, немасни производи, млеко, зеленчук, кафеав ориз, морска храна, маслинки, јаткасти плодови.

Храна која брзо се вари

Храната која секако треба да ја избегнувате пред да одите на спиење е храната која брзо и лесно се вари. Ваквите калории ќе му дадат на вашето тело големо количество на енергија, но за кратко време. Бидејќи на организмот не му треба толкава количина на енергија во тој период, вишокот ќе биде складиран во вид на масти.

Храната која лесно се вари е онаа која има многу рафинирани јаглехидрати и шеќери. Поради својата структура, после брзото варење, ако оваа храна не се согори веднаш, таа ќе се претвори во масти. Пример за ваква храна се белиот леб, овошен сок, газирани пијалоци, колачиња, кекси, слатки. Всушност, се работи за намирници кои содржат т.н. празни калории и немаат корисни макро и микро нутриенти за вашето тело, па меѓу другото, можат да предизвикаат и несоница.

Секоја храна изедена во доцните ноќни часови ќе ви донесе вишок килограми? МИТ!

Оние кои се противници на оброкот пред спиење сметаат дека секоја храна која се конзумира во доцните часови шридонесува за зголемување на бројот на килограмите. Меѓутоа, несаканите килограми се резултат на преголемото количество на храна кое се внесува во текот на целиот ден. Балансот на телесната тежина се контролира со односот помеѓу согорените и внесените калории. Во тој процес, времето кога тие калории се внесуваат има многу мало или скоро никакво влијание.

Ако сакате да изгубите калории, треба да ја пресметате и да ја дознаете вашата дневна потреба од калории. Почнете да пресметувате калории, внесувајте помалку калории отколку што ви се потребни (околу 500 на дневна база) и така ќе ја намалите тежината. Обидете се да ги распоредите калораиите во помали оброци кои ќе ги конзумирате на секои 2-4 часа.