Зошто е толку тешко здраво да се храниме? Експертите велат дека, кога луѓето се гладни тие не размислуваат, туку се водени од чист животински инстинкт само да се нахранат. Кога се наоѓате во затворена просторија како што е канцеларијата каде сте многу често опкружени со стрес, тешко е да се задржи здравиот разум. Ова е дополнето од фактот што седењето со часови во една иста просторија ве тера да јадете дури и од чиста досада, нагласуваат експертите. А ако во такви моменти го јадете она што ви е на дофат на раката, многу често јадете нешто што не е ниту здраво ниту добро за вас. Еве неколку совети како да ја подобрите храната која ја конзумирате на работа.

  1. Донесете си храна од дома. Иако ова е многу непопуларно, сепак е многу поздраво. Нутриционистите велат дека луѓето кои од дома планираат што ќе донесат и што ќе јадат на работа се хранат многу поздраво и поквалитетно од останатите.
  2. Внимавајте на количините. За да не претерате во количините, одредете уште од дома колку ќе јадете на работа. Многу често луѓето имаат навика да изедат се што е пред нив, дури и ако количината е преголема.
  3. Учете. Постојат голем број на производи или видови храна за кои мислите дека се здрави, а тие всушност не се. Затоа, читајте и учете за она што го јадете. Така секогаш ќе бидете сигурни дали она што го конзумирате е најдоброто за вас и за вашиот организам.
  4. Престанете да нарачувате храна. Секако дека ова е најлесната и најпопуларната опција, но сепак, обидете се да ги ограничите порачките најмногу на една неделно. Ако веќе мора да нарачате, одлучете се за нешто свежо и здраво како салата или нешто слично.