Здружението на француските произведувачи на вино неодамна направи интересно истражување за поврзување на виното со типот на личноста која го пие. Имено, во истражувањето биле вклучени 2000 лица од Велика Британија (зошто не го направиле во Франција е посебно прашање??). Еве ги сумираните резултати.

Љубителите на црни вина се побогати и поамбициозни лица. Белото вино го сакаат луѓе кои се ведри и се задоволни од својот живот, а оние кои преферираат чаша ладно розе се зависници од Фејсбук. Накратко, ова истражување покажало дека  луѓето можат да се проценат врз основа на нивното омилено вино.

Значи, оние кои пијат црно вино почесто имаат факултетска диплома, најчесто се во брак и пијат почесто од оние кои преферираат бело или розе вино. Дури 81 процент од овие луѓе изјавиле дека моментално се среќни на работа, а 65 проценти се амбициозни и сакаат да напредуваат во кариерата. Оние кои повеќе го сакаат белото вино уживаат во домашна атмосфера и се задоволни со својата позиција на работа. Само 43 проценти од овие луѓе имаат факултетска диплома, повеќето од нив не се заинтересирани за понатамошен успех во кариерата, а дури две петини признале дека воопшто не се амбициозни. За крај, дури 55 проценти од љубителите на розе го завршиле своето образование на 18 години.

Дали вие се препознавте во некоја од овие категории, или македонските навики за конзумирање на вино се далеку поразлични од оние на Британците?