Зарем може да се замисли кујна во која нема барем едно шише масло? Секоја домаќинка, штом ќе го отвори последното шише масло, веќе го става во списокот за следното купување. Дали може да се замисле некое топло или ладно  јадењо, или пак некоја салата без масло? Тешко! Прашањето кое се поставува е какво масло треба да се користи за да може јадењето да биде ем вкусно ем корисно.

Постојат  многу водови на масла кои можат да се користат при подготовката на било какво јадење. Не е важно дали е тоа салата, или некое вариво, печење или пак некој сладок десерт, па дури и леб или супа. Во нашата традиционална кујна, најмногу користиме сончогледово масло, а во последниве 10-тина години голем замав зема и маслиновото масло. Но постојат и други масла кои може, а и треба да се конзумираат ако здравјето ни е на прво место. Но кое масло е најдобро? На ова прашање тешко е да се одговори затоа што секое масло има свое значење за организмот. Всушност, се препорачува да се конзумираат различни масла, а кои и колку, зависи од нивната намена. Финансиската моќ на семејството исто така е важна. Некои масла се релативно скапи, па не секој може да се ги дозволи, некои имаат посебен вкус и мирис, па не секому му се бендисуваат. Во секој случај, вреди да се пробаат различни масла.

Масло практично може да се добие од семките, плодот или коренот на било кое растение. Сите масла, независно од видот, може да бидат рафинирани или нерафинирани. Рафинираните масла не го менуваат вкусот на продуктите и се погодни за пржење, меѓутоа, во процесот на рафинирање тие губат голем дел од хранливите и корисни материи. Затоа пак тие масла можат долго да траат и да се чуваат на собна температура. Нерафинираните масла се богати со витамини и поседуваат специфичен мирис. Од нерафинираните масла секако најкорисни се оние кои се добиени по пат на ладно цедење, што е процес во кој маслото си ги сочувува СИТЕ хранливи состојки. Ваквото масло треба да чува во фрижидер затоа што на собна температура брзо се расипува.

Најчесто применувани масла се  маслото од сончоглед и маслиновото масло. И двете се богати со корисни материи и затоа, дали ќе се употребува едното или другото зависи од тоа кое вам ви е повкусно, а не треба да се заборави и цената на чинење. Маслиновото масло е значително поскапо.

Што претставуваат растителните масла?

Растителните масла, во 94-96% се состојат од смеса на, кажано со стручен хемиски јазик, естри на тиглицеролите со масните киселини. Од масните киселини во маслата застапени се: заситените, мононезаситените и полинезаситените масни киселини. Остатокот на маслата ги сочинуваат: 0,5 – 4 % фосфолипиди, 1-2 % слободни масни киселини, 0,3-1,3 % стеарини, до 0,5 % витамини, не повеќе од 0,16 % пигменти, 0,1-1,5 % белки и др. Од витамините во маслата се среќаваат витамините од групата А (каротеноиди), Е (токолфероли), D, К.

Зошто се ценети маслата?

Па, заради биолошката активност на се она што е присутно во маслото. Употребата на растителни масла овозможува компензација на биолошко активните материи кои недостасуваат, а кои се  неопходни за човечкиот организам да може правилно да фунционира.

ЗАПОМНЕТЕ: ВО РАСТИТЕЛНИТЕ МАСЛА НЕ Е ПРИСУТЕН ХОЛЕСТЕРОЛОТ.