Намирниците кои имаат диуретско дејство се неопходни за губење на телесна тежина

За диуретици се сметаат оние продукти кои, покрај излачувањето на водата, доведуваат и до зголемување на излачувањето на солите од организмот, а особено на натриум хлоридот. Одредени намирници имаат диуретско дејство, па со нивната конзумација се потпомага стимулирањето на метаболизмот (размена на материите). Ако сакате да изгубите некој килограм, или пак едноставно да го исчистите организмот, потребно е ваквите намирници да ги вклучите во својата секојдневна исхрана.

Зошто ни се потребни?

Диуретиците се потребни за да можете да се ослободите од вишокот на течности во телото и да ги намалите отоците. За да го постигнете ова, доволно е да го зголемите внесот на течности во организмот во текот на денот, да смените некои навики во исхраната и да вежбате барем 15 минути секој ден.

Отеченоста на телото најчесто се јавува во пределот на куковите, бедрата и долниот дел од нозете, а е последица на собирање на отпадните течности во ткивата. Три можни причини кои обично доведуваат до ваквата состојба се: слаба циркулација на крвта, хормонални промени и нездрав начин на живот.

Што се однесува до исхраната, особено се препорачува конзумирање на овошје и зеленчук. Добро е да знаете дека тиквиците, ротквиците, доматите, магдоносот и салатите изобилуваат со вода, па заради тоа се наоѓаат на листата на најдобрите природни диуретици. Од овошјата, во оваа група спаѓаат: ананас, лубеница, диња и грозје кое изобилува и со антиоксиданти. Со редовно конзумирање на овие овошја и зеленчуци ќе го поттикнете природното исфрлување на вишокот на вода од организмот.

Домати

Свежиот домат содржи 94% вода. Богат е со каротен, антиоксидантот ликопен и со витамин Ц, па помага во отпуштањето на водата од бубрезите и во чистењето на отпадот од организмот. Доматот содржи многу органски киселини и пектини кои го активираат процесот на варење на храната и го спречуваат негативното дејство на бактериите. Доматот го зголемува излачувањето на водата од организмот, па е особено погоден за лица кои болуваат од реума, запаление на зглобови, камчиња во бубрегот и жолчката.

Краставици

Краставицата е зеленчук кој содржи многу вода (96%), па го зголемува излачувањето на урина и овозможува подобро исфрлување на отровите. Освен тоа, краставиците се богати со сулфур и силициум. Овие минерали ги стимулираат бубрезите да лачат повеќе уреа (мочна киселина), а со тоа се стимулира и исфрлување на маснотиите од организмот.

Зелена салата 

Во диеталната исхрана, особено онаа која е наменета за намалување на килограмите, зелената салата е незаменлива намирница. Таа содржи калиум, фосфор, калциум, магнезиум и витамин Ц, каротен (провитамин А), витамин Е, витамини Б1, Б2 и Б6 и ниацин. Содржи и 90% вода. Особено делува на варењето и на работата на црниот дроб, а во 100г од оваа салата има само 13 калории.

Морков

Морковот содржи каротен кој го поттикнува и забрзува метаболизмот, па преку тоа помага во отстранувањето на масните наслаги и отпадни материи од организмот. Морковот содржи и посебен вид на влакна, но и калциум пектат кој ја намалува количината на холестерол во организмот. Исто така, морковот го намалува и задржувањето на течности во организмот.

Зелка

Зелката го чисти телото од отрови бидејќи содржи сулфур и јод кои помагаат во чистењето на слузната мембрана на желудникот и цревата. Зелката е одлична и во случај да страдате од наталожување на масни наслаги околу стомакот бидејќи помага во разложувањето на масните наслаги.

Лубеница 

Лубеницата содржи околу 95% вода, па се наоѓа на првото место на листата од природни диуретици. Затоа се препорачува во исхраната на лицата кои имаат отежнато излачување на течности (кардиоваскуларни болести, болести на црниот дроб и на бубрезите). Покрај калиумот, лубеницата содржи и фосфор, магнезиум и цинк. Од витамини, таа содржи каротин (провитамин А) и витамин Ц.

Цреши

Црешите содржат голема количина на вода, па енергетската вредност им е многу ниска. Содржат целулоза па затоа добро делуваат на варењето, а поради големата количина на вода и калиум, го олеснуваат исфрлувањето на течности од организмот, а со тоа ја подобруваат работата на бубрезите, жолчката и црниот дроб.

Исто така, црешите содржат и најголемо количество на витамин Ц од сите ситни овошја со семка. Позрелите плодови со потемна боја имаат поголема количина на антоцијан, па затоа имаат и поголемо антианемично делување.

Праски 

Праската содржи голем процент на вода и има мала енергетска вредност. Освен тоа, изобилува и со бета-каротен, витамин Ц и витамин Б. Енергетската вредност на праската потекнува најмногу од јаглехидрати, па затоа не се препорачува за луѓе кои страдаат од дијабетес. Целулозата која се содржи во праската ја прави потешко сварлива, па затоа луѓето кои страдаат од болести на желудникот и жолчката не би требало да јадат нелупени праски. Што се однесува до минералите, праската содржи калиум и натриум, па затоа е одличен диуретик. Праските се особено добро за лица со кардиоваскуларни болести и висок ккрвен притисок.

Грозје

Грозјето содржи голема количина на вода (околу 82%), 16% глукоза и фруктоза,  0,40% масти и 0,80% протеини. Поради големото количество на калиум и овошни киселини, грозјето го поттикнува мокрењето и помага во елиминација на отровите од организмот. Од оваа перспектива, подобар ефект има грозјето кое не е презреано, со крупни и сочни зрна.

И други овошја имаат добро диуретско дејство. Така на пример, нелупената крушка е добра против запек, јаболкото делува на холестеролот и го поттикнува излачувањето на штетните материи од организмот, ананасот е одличен против целулит и бори, оревот е добар против рак, го спречува пребрзото стареење и го чува здравјето на нервниот систем, но истовремено содржи и 60% масти….

Увин чај

Неколку пати дневно би требало да пиете растителни чаеви и минерална изворска вода. Чајот од слез помага при излачувањето на штетните материи од бубрезите, а увиниот чај е одличен диуретик и чистач на системот за мокрење. Сепак, еден час пред и после секое јадење не треба да се пијат никакви течности, бидејќи тие ги разредуваат соковите за варење и го забавуваат варењето на храната. Ова особено се однесува на ладните пијалоци кои се еден од најголеите непријатели на правилното варење на храната.

Значи…

Исхраната мора да биде сиромашна со сол, шеќер и масти, а богата со свежи и неконзервирани намирници – тоа се основните правила на диетата против задржување на течности. Намалувањето на внесот на сол е особено важно во случаи на отекување, па во исхраната не треба да се користи повеќе од половина лажичка сол дневно. Избегнувајте храна богата со натриум како што се сувомеснатите производи, конзервираните производи и коцките за супа (готовите супи исто така спаѓаат во оваа категорија).