Освен што е вкусно и слатко, чоколадото треба да се конзумира и поради други причини. Богато е со фосфор, магнезиум и железо, помага во намалувањето на крвниот притисок, а се смета дека поволно делува и на здравјето на срцето и расположението. Сепак, треба да се внимава на количините кои се конзумираат бидејќи, поради високото количество на масти и енергија кои ги содржи, чоколадото е и сериозна закана на витката линија.

Чоколадото има висока енергетска вредност

Основната состојка на чоколадото е зрното какао, инаку плод на растението какао (Theobroma cacao). Зрната какао се вадат од плодот на растението, а потоа се изложуваат на ферментација. Следува сушење на зрната, па потоа и варење, при што настанува карактеристичкната арома на чоколадото. Со мелење потоа се добива смесата која претставува основа за сите чоколадни и какао производи. Чоколадото се прави од путер од какао, какао маса, арома на ванила и лецитин, кој е емулгатор на база на соја и чија улога е да ги поврзе сите други состојки на чоколадото.

Чоколадото има релативно висока енергетска вредност – просечно содржи околу 550 kcal во 100 г. Калориите, во најголем дел, потекнуваат од мастите, потоа од јаглехидратите, а чоколадото има и протеини, меѓутоа во многу помала количина. Точната енергетска вредност и количините на нутриенти во чоколадото зависат од видот на чоколадото. Меѓутоа, важно е да се спомене дека, и покрај високиот удел на масти, чоколадото содржи релативно поволен профил на масни киселини. Имено, третина од мастите во чоколадото отпаѓа на олеинската киселина која ја има и во маслиновото масло, и на која и се припишуваат многу позитивни ефекти.

Изобилство на минерали

Познато е дека чоколадото ги содржи и омразените заситени масти, но, треба да имате предвид дека преовладува заситената стеаринска масна киселина, која најмалку придонесува за пораст на нивото на холестерол. Токму ваквиот распоред на мастите во чоколадото е причината зошто тоа е во крута (тврда) состојба на собна температура, а во топлината на устата се топи, ослободувајќи притоа посебна арома.

Чоколадото е особено богато со минерали – содржи фосфор, магнезиум, железо, калиум и цинк. Ја содржи и целата низа на витамини од групата Б, витамин Е и бета каротен. Во зависност од видот на чоколадото, односно од уделот на какао и останати додатоци, количината на нутриентите е различна. Така, млечното чоколадо содржи повеќе калциум, додека чоколадото со лешници или бадеми е побогато со витамин Е. Белото чоколадо не е чоколадо, во вистинската смисла на зборот, бидејќи не содржи какао маса, па така нема ни вкус на чоколадо. Ова чоколадо се произведува од путер од какао, млеко и ванила, со додаток на лецитин и шеќер.

Антиоксиданти во чоколадото

Чоколадото содржи кофеин и теобромин (метаболит на кофеинот), кои се хемиски сродни. Познато е дека кофеинот е силна психоактивна супстанца, меѓутоа, чоколадото содржи значително помалку кофеин од кафето и чајот. Спротивно на ова, теоброминот е најазастапен токму во чоколадото. Иако теоброминот има слаб стимулативен ефект, се верува дека истиот, во комбинација со други состојки, придонесува за појава на добро расположение и за зголемување на желбата за чоколадо.

Чоколадото се одликува и со одредена количина на добротворните антиоксиданти, и тоа особено флавоноиди. Содржината на флавоноиди во чоколадото расте правопропорционално со содржината на какао, па според некои сознанија, една коцка темно чоколадо содржи скоро иста количина на антиоксиданти како и чаша црно вино.

Чоколадото служи и како извор на хистамин, серотонин, триптофан, фенилетиламин и тирамин, соединенија кои можат буквално да предизвикаат главоболка, посебно кај лицата кои се нетолерантни на хистамин и на другите горенаведени биогени амини.