Македонската винарска визба „Тиквеш“ е на листата на 100-те глобално најперспективни брендови, која е формирана и публикувана од страна на водечкото глобално списание за пазарни и медија истражувања M&M Global. Покрај „Тиквеш“ на оваа престижна листа се наоѓаат уште само 2 бренда од поширокиот регион и 10 од цела Европа.

Селекцијата е направена од илјадници брендови во сите индустрии од целиот свет што имаат амбиција да ги надминат границите на својот и на регионалниот пазар и да го освојат светот. Она што оваа листа ја прави високо релевантна и уникатна е што таа не е резултат на пријавување и конкурирање од страна на компаниите, туку е производ на истражувања на бренд експерти од целиот свет. Квалитативните истражувања се водени според 4 основни критериуми – неочекуваноста на појавата на брендот во светски рамки (момент на изненадување), локалната автентичност, одекот на социјалните мрежи и глобалниот отпечаток, а ги зема во предвид иновацијата, посакуваноста и оригиналноста на брендовите.

„Листата ги содржи брендовите што имаат планови радикално да го променат начинот на работа ширум светот, брендови со потенцијал да се пробијат на глобалниот пазар“, вели уредничката на M&M Global, Суну Синг. Во краткиот текст посветен на „Тиквеш“ во специјалното издание на M&M Global се потсетува на долгата традиција на винарницата основана во 1885-та година, но и на најновите достигнувања во развојот благодарение на интензивните вложувања во сите сегменти. Во текстот се нагласува и дека во 2010-та година американскиот вински експерт Роберт Паркер високо го оцени црвеното вино „Бела Вода“ класифицирајќи го како исклучително, што значително придонесе за глобална афирмација на брендот. „

За Тиквеш е огромно признание да се најде на оваа престижна глобална листа, особено што воопшто не бевме свесни дека сме набљудувани од страна на бренд експертите на M&M Global. Ова е потврда дека и надвор од нашата земја е препознаен правецот по кој се движи „Тиквеш“ и јасната визија за настап на меѓународните пазари со вредност создадена во Македонија. Затоа секој наш успех е потврда и за нашата земја“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ „Тиквеш“. Ова не е прво значајно признание во светски рамки за ВВ „Тиквеш“. Во 2008-та година најголемата винарница во југоисточна Европа беше избрана меѓу триесетте водечки глобални вински брендови на еден од најзначајните и најпознати светски саеми за прехранбена индустрија – СИАЛ во Франција.