Маслата можат да бидат во течна или цврста состојба, рафинирани, нерафинирани и ладно цедени. Дали маслото ќе биде во течна или во тврда состојба зависи од типот на масни киселини кои влегуваат во неговиот состав. Ако преовладуваат заситените масни киселини, тие го прават маслото цврсто. Во оваа група спаѓаат свинската маст и сите масти од животинско потекло, путерот, но и најефтиното палметинско масло. Присуството на незаситени масни киселини го прави маслото течно. Овие масла во принцип се здрави за човечкиот организам, но за жал, на повисоки теператури тие се разложуваат, односно оксидираат, а тоа е она што е штетно. Познати се голем број на растителни масла, меѓутоа најраспространети се сончогледовото и маслиновото масло.

Сончогледово масло

Сончогледовото масло поседува најдобра витаминска активност од сите масла затоа што токоферолот (витамин Е) што се наоѓа во ова масло всушност е  α-токоферол и најдобро се усвојува од страна на организмот. Сончогледовото масло има особина, според нутриционистите, да го намалува нивото на холестеролот и токму затоа тие го препорачуваат. Витаминот Е уште го нарекуваат и борец против стареењето, но погодно влијае и на кожата и косата. Освен витаминот Е, сончогледовото масло ги содржи и витаминте Ф, А, Д, и К.
Во нашите маркети можат да се најдат и рафинирано и ладно цедено масло од сончоглед. Она рафинираното секако е најзастапено во нашата кујна, најмногу поради цената, но ладното цедено сончгледово масло е  идеално за салати и ладни јадења, а широко се применува како во гастрономијата така и во медицината во профилактичка цел за ред заболувања.

Маслиновото масло 

По правило маслиновото масло го сметаат за најкорисно. Ова масло најдобро се усвојува од страна на организмот и токму затоа нутриционистите им го препорачуваат особено на личности кои имаат проблеми со желудникот. Ова масло ја потпомага работата на поджелудочната жлезда и црниот дроб. Полезно е дури и за деца затоа што помага при формирање на нервниот ситем, но овозможува и правилен развиток на коскеното ткиво. Заради неговата нутриционистичка вредност ова масло го нарекуваат уште и „течно злато“. Тоа го снижува холестеролот, а со тоа го намалува ризикот од срцеви заболувања, но ги зацврстува и срцевите мускули и го подобрува квалитетот на косата и ноктите. Сето ова е научно докажано во голем број на испитувања, но сепак треба да внимавате при употребата на маслиновот масло.
Ако сакате да бидете стројни и здрави тогаш користете маслиново масло. Но не било кое, туку ладно цедено маслиново масло. Ваквото масло е густо, со темна боја, карактеристичен мирис и малку горчлив вкус. Можеби на почетокот овој мирис и вкус ќе ви биде непријатен , меѓутоа, во име на здравјето, не се откажувајте, по некое време дури и ќе ви се допадне. Ладно цеденото маслиново масло е ценето затоа што тоа ги содржи многу корисните антиоксиданси. Се смета дека ладно цеденото масло од средоземноморската област е најдобро затоа што во овие краеви цедењето се остварува на традиционален старински начин, со помош на механички преси. Ако се прашувате каде и како треба да се употребува маслиновот масло, одговорот е прост: секаде. Во било која салата, во пире (наместо путер), во тесто, во домашен мајонез или песто сос.
Иако е општо прифатено дека не се пржи на ладно цедено маслиново масло, сепак ви препорачуваме барем еднаш да пробате да испржите компири со вакво масло. Тоа не гори и не дими, па затоа го препорачуваат за фритези, што е навистина скапо, но здравјето е пред се друго, нели?
Најдобриот вид на малиново масло е она со светло жолта или златна боја. Постои начин како да се провери дали маслото е добро или не. За таа цел се става шишето со масло во ладилник и се остава да отстои извесно време (неколку часа). Ако во шишето се појават бели остатоци (како парталчиња) кои исчезнуваат откако шишето ќе се остави на собна темпераура, тогаш значи дека маслото е добро.
Она што можеби не ви е познато е дека масните киселини кои влегуваат во составот на маслиновото масло преставуваат аналогија на мајчиното млеко и токму затоа ова масло е исклучително корисно за бремени жени и доилки.

Освен сончогледовото и маслиновото масло познати се ред други масла кои имаат нутициона вредност. Еве некои од нив.

Масло од ленено семе

Ова масло се добива по стар народен рецепт од ленено семе. Ова масло може да се третира како лек. Треба да знаете дека лененото масло има краток рок на употреба, односно трае само 3 месеци. По нутриционистичките вредности само маслиновото масло е пред него. Главно масло за вегетаријанците треба да биде маслото од лен. Ова масло содржи два пати повеќе незаситени масни киселини во споредба со рибиното масло. Има својство да ја нормализира работата на желудникот, корисно е при гастритис а и како профилактика при заболувања на штитната жлезда.

Масло од ореви

Ова масло се добива по пат на ладно пресување на ореви и многу е застапено во азиската кујна. Со ова масло може да се зачинуваат салати, може да се користи за приготвување на сосови, но се применува и при подготвување на различни теста. Има мирис на ореви.

Масло од семки од синап

Маслото од синап било познато уште пред неколку века и било нарекувано „императорско масло“ затоа што привилегијата да го конзумираат ова масло ја имале само императорите. Во ова масло се присутни апсолутно сите витамини кои се раствораат во масло (витамините А, Е, К и Р), а само ова масло содржи каротин. Инаку, маслото од синап поседува специфична арома и пикантен вкус. Одлично е за зачинување на салати, бидејќи го  нагласува вкусот на зеленчукот. Ако ова масло се додаде во некое тесто, тогаш пецивото е повоздушно и долго време не се стврднува. Маслото од синап може долго време да се чува и да не му се случи никаква промена, односно има рок на траење кој е околу 4 пати поголем од рокот на траење на сончогледовото масло.

Масло од пченка

Маслото од пченка содржи двапати повеќе витамин Е во споредба со сончогледовото масло. Инаку витаминот Е го намалува холестеролот во крвта, го зголемува имунитетот и го забавува стареењето, како што веќе споменавме. Нерафинираното пченкарно масло има непријатен мирис, па затоа се препорачува употребата на рафинираното масло. Ова масло не е погодно за лицата кои имаат проблеми со желудникот.

Масло од соја

По содржина на микроелементи маслото од соја е апсолутен рекордер. Нерафинираното соево масло има киселкаст вкус и специфичен мирис, па обично се користи рафинирано масло. Употребата на масло од соја влијае на машката потенција, на состојбата на кожата и штити од срцеви заболувања.

Познати се уште и следните масла: масло од семки на кедрово дрво, масло од бел трн, масло од кикирики, масло од сусам, масло од тиква, палметинско масло. Заради тоа што последново масло содржи заситени масни киселини, диетолозите не препорачуваат многу да се користи. Но затоа пак многу е стабилно на надворешни влијанија и најмногу се користи за добивање на маргарин.