Секој ден мораме да одлучиме што ќе јадеме и кога. Но, повеќето од нас воопшто не се свесни што е тоа што влијае на количината на храна што ќе ја изедеме. До одреден степен, скоро сите луѓе се виновни за нездраво прејадување (на сите ни се случило барем еднаш, ако не и почесто), што е најчесто предизвикано од некои скриени мотиви за кои практично и не сме свесни. Затоа се обидовме во овие неколку статии накратко да ви ги претставиме 5-те најчести причини кои доведуваат до прејадување. Се надеваме дека нашите мали совети ќе ви помогнат.

Причина бр. 5: Купувате храна што е означена со етикетата “намалено количество на масти“

Американските научници дошле до чудесно откритие: откако во САД започна манијата за купување и конзумирање на продукти со намалено количество на масти, проблемот со зголемена телесна тежина е повеќе од удвоен. Иако веќе пишувавме за причината која доведува до ова (прочитај ја статијата), сепак не е на одмет повторно да објасниме. Имено, производителите ја намалуваат количината на масти, меѓутоа ја зголемуваат количината на шеќер, брашно или адитиви со цел да го подобрат вкусот на производот, што значително ја зголемува неговата калориска вредност. Уште поважно е што овие производи брзо заситуваат, но таа заситеност не трае долго, па по кратко време повторно посегнувате по храна. И конечно, бидејќи мислиме дека ваквата храна е помалку калорична или поздрава, си дозволуваме да изедеме многу
повеќе отколку што би бил случајот со обичен, необезмастен производ. Резултатот е секако – брзо зголемување на телесната тежина.

Совет: понастрана од производи со помалку масти, особено производи од типот на чипс или колачиња. Држете се само за производи кои се обезмастени, но не се високо-процесирани, како што се млеко, јогурт и сирење.