Се сеќавате кога ви кажував за боите што ќе бидат во тренд во новата 2013? Живи и топли бои насекаде, а особено во кујната се од клучно значење за сите нас трендовки и трендовци. Не се сомневам дека ова не само што го знаете де, туку дека веќе си имате и план како да ја реализирате оваа трансформација.

Да ви кажам, јас си почнав со помалите работи, си купив сет лажици во различни бои, си купив некои крпички, а богами си имам и нови кујнски ракавици :). А богами не издржав и оваа недела да не поминам во мојата омилена продавница Карес. Па што сум сега јас крива што многу згодно ми ја имаат поставено, па секој ден поминувам покрај неа? И ве прашувам, како може човек да помине а да не си купи нешто? Не може и тоа ти е. Барем се обидувам да го убедам сопругот ми мој мил и драг дека е така :).

Значи, вчера пак си навратив таму, со цел нели да најдам нешто во живи и топли бои. И пазете ја кутијава за леб! Па има ли нешто потопло и поживо и посекси од црвена (ич да не му се секирате, ги има и во други бои, и сите се живи!) кутија за леб?

Дефинитивно нема, мада и онаа портокаловата ми западна за очи….

Значи, како што велат, зрно по зрно погача, односно кутија по лажица по нови чинивчиња – и оп ем нова, ем секси, ем тренди кујна за добар почеток на новата година!