Важи за голема перфекционистка кога станува збор за естетиката како категорија на која и го има посветено својот живот. Сопственичка на познатото студио Леонтиќ, жена која зрачи со харизма и шарм. Со неа поразговаравме на повеќе теми поврзани со гастрономијата, за омилените јадења и за ставот колку за неа храната е уметност…

За себе вели дека е голем гурман, но не некој особен вешт кувар. Обожава кога некој друг за неа ја спрема храната, а таа да учествува со свои сугестии. Не важи за пребирлива личност, сака да проба различни кујни, но сепак омилената и е домашната која најмногу ја преферира. “Ги сакам сите видови на сарма, со лозов лист, полнети тиквички, бабури, сарма од купус, исто така се што е приготвено со ориз го обожавам.”

За неа особено важно е како храната изгледа и како е сервирана. Тоа е она што прво паѓа во очи и според неа е најважниот впечаток. “Како и се друго и храната е уметност, почнувајќи од изборот, приготвувањето, а на крај како ќе изгледа. Јас сум љубител на декорацијата, морам да признам, не по готвењето, но не значи дека не умеам добро да проценам што е добро приготвено. Многу добар критичар сум….Доколку една храна не е добро приготвена и декорирана не може толку да привлече внимание.”

Бидејќи е презафатена, дневните оброци и се најчесто од нога, но затоа викендите и се резервирани за гастрономско уживање. “Моето работно време и сите ангажмани за жал не ми дозволуваат секојдневни посебни ритуали. Можам само неделата како ден да ја одвојам и таа задолжително е резервирана за да бидам со моите родители и семејството. Што и да правам каде и да бидам, приквечер обавезно се собираме сите дали за ручек или вечера. А, јас тогаш искрено немам улога, само сум како гостин. Во моето семејство за големи кулинари се изгласани мајка ми, татко ми, и сестра ми кои готват прекрасно и многу вкусно …Во однос на храната повеќе сакам зеленчук и житарици, по можност воопшто месо, но од време навреме и тоа. Рибата и сите морски специјалитети се нешто на што не можам да им одолеам.”

Во нејзиниот фрижидер постојано мора да има јогурт, сирење, овошје и зеленчук и вода. Како што самата вели не е една од оние жени кои фанатично брои калории. Секако дека внимава што јаде, но она на што е посебно горда е генетиката, која е најзаслужна за нејзината линија. Кога пазарува во маркет, задолжително го проверува рокот на декларацијата и потеклото, а износот на калории не и е важен.

Личен специјалитет нема, но најмногу приготвува зеленчук и разновидни салати. “Се што може да се подготви за 15минути. Но, најмногу што ми одзема време кога спремам е пита со готови кори…”

Од многуте патувања, особено ќе го памети одморот во Ница каде имала прилика да ги проба најдобрите гастрономски специјалитети. Иранската кујна за која не верувала дека е толку вкусна и специфична и има оставено најголем впечаток.

Омилена пијалок… цеден свеж сок од портокал или цитрон
Oмилена салата… од морков и цвекло
Омилен десер.. овошна салата
Омилен ресторан… Камник

Омилено дневно мени
Доручек…….. кифла и јогурт, а по некогаш само овошје
Ручек…. најчесто го пропуштам, а кога има време чорби и салати
Вечера….. некој лесен специјалитет и обавезно овошје