Таа е една од највпечатливите поп артисти, позната по својот префинет изглед и специфичен глас. Верица Пандиловска, жена која е пример како треба да се негува односот кон сопственото тело. Поклоник е на девизата во здраво тело, здрав дух и затоа никогаш не јаде од нога. Секогаш своите оброци ги планира однапред. Најчесто едноставни кои може да ги носи во ташна. Има денови кога цел ден може да го помине со овошје и зелена салата во вечерните часови.

“Уште многу долги години пред нас таткото на денешната современа медицина Хипократ рекол НЕКА ХРАНАТА ТВОЈА БИДЕ ЛЕКОТ ТВОЈ и НЕКА ЛЕКОТ ТВОЈ БИДЕ ХРАНАТА ТВОЈА. Јас навистина веќе долги години се трудам да се хранам здраво и со самото тоа да си го подобрам квалитетот на животот воопшто. Како и сите ни во ова современо време на живеење во кое што од обврски никој нема време за ништо се трудам да не бројам калории ама секогаш точно знам колку храна ми е потребно и доволно за да функционирам со полна пареа во текот на денот.„

Верица ни се пофали дека одлично се снаоѓа во кујна, пред се поради фактот што од својата 14 година живеела сам и морала да научи да готви уште од млади години. „Мојата мајка е жена која што како вистински виртуоз во кујна ме научи скоро се што и самата таа знае да готви. Како и се друго готвењето е дарба а јас мислам дека дефинитивно имам таков ген. Знам да готвам скоро се, ама мислам дека поинтересно е да кажам што не знам да готвам. Еве да речеме не знам да тегнам (сукам кори ). Често дури не бев во брак мојот сопруг се шегуваше дека не ме зима за жена дури не научам да тегнам кори :). Ова како мала анегдота за да се посмееме. Научив да сукам.“

Покрај сукањето знае да прави и одлична торта која е омилена на нејзиниот сопруг. „Тортата се прави со жолт крем од еклери кој што всушност е многу специфичен и се спрема скоро неполн час на тивок оган а притоа мора постојано да се меша, тоа е најбитното за тортата. Останатото се топени бисквити со млеко, па боровинки и на крај бел крем. Еве тоа е нешто што до сега никогаш го немам утнато како рецепт.“

Омилена национална кујна и е македонската, а како типична тетовчанка обожава тетовско тавче гравче. Во фрижидерот на Верица секогаш мора да има барем три типа на овошје и уште неколку типови салати, јогурт и млеко во секое време, риба, сирење и кашкавал..

Поради тоа што како што вели самата целиот живот пред се поради професионалните обврски патувала пречесто, обожава ручек или вечера во фамилијарна домашна атмосфера. „Значи пријатен амбиент со свеќи и убава музика. На маса свежа салата, барем два вида сирење, супа секако, квалитетно зготвено месо со адекватен зеленчуков прилог и секако некое суво црвено вино за да ручекот биде навистина комплетен. Благо не јадам воопшто ама тоа не значи дека не правам.“

Најголем гастрономски порок и се сирењата. „Обожавам плави сирења, пармезан, овчи кашкавал, моцарела, пршута со црвено вино и слично, ама два дена после тоа имам цел течен ден а тоа значи само свежо цедени сокови и пола литар јогурт и многу вода, па два дена јадам само овошје и салати.“

Листата на јадења кои таа не ги сака не е преголема. Единствено не јаде морска храна поради тоа што е алергична на неа. Има во неколку наврти пробано и доживеано лоши искуства. „Не сакам многу егзибиционизам во храната, многу мешање на вкусови ич не трпам. Сум за само за конкретни префинети вкусови.“

Од земјите односно градовите кои ќе ги памети по вкусната храна која ја пробала, Каиро е градот кој ја фасцинирал, особено поради храната која ја вкусила на неповторливата бедуинска вечера. „Јадев печен овен специјално подготвен на нивен специфичен начин со еден куп мирудии и зачини. Тоа е едно од најубавите приготвени печења што го имам јадено во својот живот.„

Омилен пијалак… Црвено вино,цеден портокал и вода
Oмилена салата… Туна салата
Омилен десерт…. традиционална баклава
Омилен ресторан… Три бисери

Омилено дневно мени
Доручек…….. свежо овошје секогаш еден вид или евентуално мусли со млеко ако немам време
Ручек…. месо, риба со сезонска свежа салата
Вечера….. само салата а некогаш и само чаша јогурт