Уште пред повеќе од сто години, рускиот хемичар Д. И. Менделеев рекол: „житарките се огромно природно складиште на хранливи елементи“, а кон ова може да се додаде „исто така и нивните никулци“. После оваа изрека не е потребно многу да се пишува за никулците, особено од житарките. Значи можеме веднаш да преминеме на фактите за никулците од различни видови на растенија.

Пченица. Во списанието “The Journal of Alternative and Complementary Medicine” објавени се резултатите добиени од истражувањето на својствата на пченичните никулци. Се покажало дека со право тие се нарекуваат „супер продукт“. Пченичните никулци се богати со пектин кој има особина да ги апсорбира штетните материи настанати во желудникот, а со тоа помагаат и за обновување на слузта во желудникот. Никулците од пченицата содржат протеини (26%), масти (10%), јаглени хидрати (34%). Сите овие лесно се апсорбираат од страна на организмот. Содржат калиум, калциум, фосфор, магнезиум, железо, цинк, витамините В1, В2, В3, В6, Е и фолна киселина. Износот на витамин С во текот на ртењето се зголемува од 1,07 до 10,36 мг /100 г. Вкупната содржина на антиоксиданси во текот на ртење исто така се зголемува за 11,5 пати и достигнува вредност од 275 мг/100 г. Никулците од пченица се консумираат кога се големи околу 1,5 мм или кога е израснато зеленото стебленце, меѓу 5 и 10 мм. Овие зелени стебленца се можеби најмногу ценети, бидејќи содржат повеќе од 70% хлорофил што е неверојатен енергетски стимулатор со силно изразено дејство за прочистување на организмот. Овие се едни од најпопуларните никулци.

`Рж. За никулците од `ржта велат дека се совршено здрав производ. Тие содржат протеини (13%), масти (2%), јаглени хидрати (69%) и растителни влакна, богати се со калиум, калциум, фосфор, магнезиум, манган, железо, цинк, присутни се исто така и флуорот, силициумот, сулфурот, ванадиумот, хромот, бакарот, селенот, молибденот. Содржат повеќе витамин Е од пченица но се присутни и витамините В1, В2, В3, В5, В6, К, и фолна киселина. Содржината на витаминот С за време на `ртењето се зголемува од 0, 58 до 14,68 мг/100г, а вкупната содржина на антиоксиданти во текот на `ртењето, во петтиот ден се зголемува 11,0 пати и достигнува вредност до 320 мг/100 г.

Овес. Овесните никулци по многу својства ги надминуваат никулците од други жита. Тие се карактеризираат со оптимален сооднос на протеини (9-20%), масти (11%), јаглени хидрати (40%). Содржат витамини од групата на В, многу растворливи растителни влакна, витамини Е и К, добар се извор на калциум, железо, магнезиум, сулфур, силициум, хром, цинк, флуор и јод. Износот на витамин С се зголемува во текот на ртењето од 0,88 до 23,71 мг/100 г. Вкупната содржина на антиоксидантите во текот на `ртење на семето на ова растение се зголемува за 9,8 пати, достигнувајќи вредност од 334 мг /100 г.
Јачмен. Никулците од јачменот содржат масти (2%), јаглени хидрати (67%), а содржината на протеини (14%) е вредност која ја надминува онаа во пченицата. Во текот на `ртење се зголемува содржината на влакната од 1,5% до 4,9%. Содржат витамини од групата В, витамини Е и P, одличен извор се на калциумот, фосфорот, железото, цинкот, а исто така, содржат и калиум, манган, сулфур, бакар и селен. Износот на витамин С се зголемува во текот на `ртење од 3,67 мг/100 г до 20,25 мг/100 г. Вкупната содржина на антиоксиданси, во петтиот ден од почетокот на `ртењето, се зголемува за 6,5 пати, достигнувајќи вредност од 389 мг/100 г, што значи дека по ова свое својство, јачменот го зазема првото место. Никулците на јачмен го подобруваат имунитетот на организмот, го чистат телото од токсини и нечистотии, имаат антивоспалителни својства и се добар диуретик.

Леќа. На прашањето зошто да се консумираат никулци од леќа, одговорот е: заради витаминот С. 100 г никулци од леќа содржат околу 65 мг витамин С, а за важноста на овој витамин и не мора да се говори. Покрај тоа, овие никулци ја имаат таа моќ да го зголемат нивото на хемоглобин во крвта. По вкус, никулците од леќа потсетуваат на свеж грашок. Инаку, наједноставни за добивање се токму никулците од леќа. Тие се појавуваат по 1-2 дена.

Киноа. Семето од киноа, а исто така и неговите никулци, содржат таков сет од амино киселини што може целосно да го заменат месото во исхраната на вегетаријанците.Овие никулци се богати со протеини и влакна, калциум, фосфор, железо и витамин В.

Хељда. Постојат два типа на хељда: зелена и кафена. Кафената хељда е обработена (термички или на друг начин) што значи дека таа не може да се користи за `ртење. За `ртење се користи само зелената хељда. Според своите корисни својства, хељдата води на листата на зрнести растенија. Содржи 18 амино киселини и по биолошката вредност на протеини е еднаква со месото, рибата и јајцата. Зелената хељда во процесот на киснење пушта слуз па токму затоа, доволно е хељдата да кисне околу 2 часа. Пред употреба задолжително треба никулците да се исплакнат со вода. И таа, како и киноата, е шампион по брзина на `ртење. Никулците се многу нежни и меки и може да бидат совршена појадок!

Просо. Никулците од просото содржат многу калиум, калциум, железо, магнезиум и бета каротен. Содржината на витаминот С во никулците на просото е 7 пати поголема во споредба со онаа во, на пример, портокалот. Никулците имаат особина да даваат сила на заболениот организам, а во голема мера помагаат за зараснување на рани и скршеници. Тие се добар диуретик.

Амарант. Амарантот и неговите никулци се одличен извор на голем број биолошки активни супстанции како на пример, амарантин, рутин, каротеноиди. Тие се препорачуваат на лица заболени од онколошки заболувања. Изртените никулци се ситни и нежни па затоа треба да се промиваат внимателно преку газа.

Грав. Поради високата содржина на калиум, никулците на гравот се препорачуваат на личности заболени од артериосклероза и срцеви аритмии, но и на оние кои патат од гастритис и дијабетес. Тие го нормализираат метаболизмот, имаат диуретично и антимикробно дејство.

Лен. Никулците од ленот се богати со алфа линоленска и линолова киселина, кои имаат важна улога во процесот на создавање на клеточните мембрани. Токму овие киселини ги зајакнуваат крвните садови и ја даваат еластичноста на кожата и мускулите. Никулците од ленот се исклучително корисни за личности заболени од кардиоваскуларни болести, а исто така и за оние кои имаат проширени вени. Карактеристично за лененото семе е тоа што по кратко стоење во вода се создава слуз. Токму затоа не е потребно да се кисне во вода (да бабри). Семето директно се растура врз влажна памучна материја и се прска со вода за да се одржи влажноста. Тоа се прави неколку пати во денот. Откако се појавуваат првите никулци, тие може да се префрлат во тегла и да се остават уште некој ден да израснат. Овие никулци се исклучително вкусни.

Тиква. Никулците од тиква се препорачуваат заради присуството на цинкот кој го има во доволни количини и кој помага за подобрување на помнењето, ја зголемува работоспособноста, успокојува и го нормализира сонот.

Сончоглед. Сончогледот може да `рти како лупен, така и нелупен. За лупениот сончоглед може да се каже дека доволно е само да набабри во вода околу 4-5 часа и веднаш може да се консумира. `Ртењето на нелупениот сончоглед е исто така едноставно но, според мене, овие никулци не се многу згодни за грицкање затоа што лушпите треба да се отстрануваат од секој никулец поединечно.

Наут. Никулците од наут содржат витамини В1, В3, В5, биотин, В6, фолна киселина, витамини С и Е, микроелементи во трагови, како железо, манган, силициум, и бор. Тие се особено корисни за оние кои имаат проблеми со дебелината.

Луцерка. Луцерката е царицата на никулците. Овие никулци се толку свежи и крцкави што ја збогатуваат секоја салата. За луцерката најважно е добро да истече вишокот на вода и да се обезбеди добра вентилација, а може да помогне и почесто плакнење со свежа вода. Во спротивно, овие никулци може лошо да замирисаат и да изгнијат.

Синап. Никулците од синап се пикантни, имаат дискретен вкус на сенф. Јас и моите ги обожуваме. Семето на синап спаѓа во групата на семе кое е слузесто, иако малку помалку од лененото семе, па затоа се препорачува да се остави да бабри пократко време, на пример 3-4 часа. Исто така, подобро е да се ртат помали количини на семе, затоа што многу се зголемува волуменот.

Ротквица. Според мене, никулците од ротквица се едни од највкусните никулци кои сум ги консумирала. Тие се крцкави и свежи, пикантни, со вкус и мирис на самата ротквица. Прекрасни се. Проблемот е што можат да се набават само на пазар од оние жени кои продаваат домашни семиња.

За семињата кои по теорија можат да се  `ртат, но `ртењето (мене лично) не ми успеало

Значи, велат дека може да се `ртат и семиња од соја, брокола, бадем, сусам, крес салата, кромид, грашок, ориз. Со оглед на тоа што долго време `ртам различни семиња, сум ги пробала и овие, но `ртењето не ми успеало за ниту едно од нив. Јас мислам дека главна причина е несоодветното семе. Но, можеби вие ќе имате повеќе среќа од мене, па еве неколку зборови и за полезноста на секое од овие семиња.

Соја. Никулците од соја се богати со лецитин. Тие содржат високо квалитетни протеини и масти, влакна, калциум, магнезиум, железо, цинк и селен. Исто така содржат фосфор, манган, флуориди, бакар, кобалт, витамините С, В1, В2, В3, каротин и претставуваат комплетен сет на аминокиселини потребни за човекот. Покрај тоа, никулците од сојата го намалуваат згрутчувањето на крвта и помагаат за ослободување на крвта од вишокот холестерол, а со тоа го намалуваат ризикот од болести на срцето. Тие го нормализираат метаболизмот, ја подобруваат функцијата на црниот дроб и панкреасот, го забавуваат на процесот на стареење, ја подобруваат функцијата на мозокот, ја олеснуваат нервната раздразливост и замор, и помагаат за подобар сон. Јас лично не сум успеала да изртам никулци од соја, а велат дека, по вкус, наликуваат на кисел аспарагус и добро се комбинираат со сирење и урда.

Брокола. Брокулата е веројатно една од нај-антикарценогените зеленчуци, а хранливите материи во никулците на брокулата ги има десет пати повеќе отколку во било кои други никулци. Јас не можам да најдам органско семе од брокула, па затоа и ги немам `ртено.

Бадем. Никулците од бадем содржат 60% масла, богати се со аминокиселини, содржат витамин Е и В, го подобруваат видот и помагаат при главоболки. Никулците на бадемот се дури и повкусни од самиот бадем. Не сум ги пробала затоа што,  и покрај тоа што се обидов неколку пати, сепак не успеав. Веројатно се работи за стари семки, а можеби проблемот е и во нешто друго. Но, еве еден мал совет, кога веќе не можам да ви кажам нешто повеќе за овие никулци. Од вечер потопете еден грст бадеми во вода, а следниот ден веќе можете да ги грицкате.

Сусам. Заради големата содржина на калциум, никулците од сусам ги зацврстуваат коските, ноктите и ја обновува забната глеѓ. Тоа значи дека тие се полезни при артритис и остеопороза. Повеќе пати имам пробано да `ртам семе од сусам, но без успех.

Крес (Cress). Никулците на крес салатата имаат екстравагантен вкус, се користат како зачин за салати и јадења. Мене не ми е позната оваа билка, а со тоа ни семето, на нашиве простори го немам сретнато, па и не сум го `ртела.

Кромид. Никулците од кромид имаат вкус и мирис, нормално, на кромид. Многу добри се за декорирање затоа што семето е црно, а никулците се светли. Може да се користат во сите видови салати во кои во принцип се додава кромид. Но, каде да се најде семе од кромид, не арпаџик, туку семе? Ако случајно знаете, пишете ми задолжително :).

Грашок. Никулците од грашок се добиваат едноставно, со `ртење на самите зрна грашок. Тие добиваат вкус на свеж зелен грашок, кој некому му се бендисува, а некому не. Некои дури и мислат дека овие никулци горчат. За волја на вистината, не сум се обидела со грашок досега, но тоа не значи дека нема да се обидам во иднина, така што дополнително ќе ве информирам за овие никулци.

Мунго грав (Mung bean). Кинезите го нарекуваат зелен грав, а неговите никулците се константен додаток кон кинеската и воопшто, азиската кујна. Гравот никнува лесно во текот од неколку дена. Кај нас може да се најде, но моето лично мислење е дека премногу е скап. Затоа, овие никулци ги планирам некаде во иднината :).

Дозволено е добиените никулци да се блендираат, да се сечкаат, да се додава мед, да се ставаат во секоја салата, кон секое ладно јадење или предјадење, а НЕ Е ДОЗВОЛЕНО термички да се третираат (ги губат полезните особини) и не треба да се додаваат кон врели јадења.

И за крај, еве една варијанта на здрав појадок. Смешајте ги никулците со мусли, додајте млеко (млако, но не врело) и уживајте во вкусот. Или пак израснатите никулци сместете те ги во блендер, додадете малку вода и сок од лимон и изблендирајте. Смесата може да се пие или да се додаде кон некоја салата како зачин. Пробајте и ќе се уверите дека овие никулци се и вкусни и полезни.

Доколку саката да дознаете повеќе нешта за никулците, кликете на следните линкови:

– Никулци
– Правила и начин на растење на никулци
– Зошто, како и кога треба да се конзумираат никулците?