Врвниот квалитет на вината на Винарската визба „Тиквеш“ уште еднаш е потврден со престижни меѓународни награди. На светскиот натпревар „Chardonnay du Monde 2013”, каде се натпреваруваат најдобрите вина од светот од сортата „шардоне“, виното на ВВ „Тиквеш“ „Chardonnay Limited Edition“ од бербата 2012 беше наградено со сребрен медал, а бронзен медал доби виното „Chardonnay Special Selection“ од бербата 2012. Тиквеш е единствената винарница од регионот која годинава доби две награди на овој значаен натпревар.

Вината на ВВ „Тиквеш“ ги добија овие престижни награди во конкуренција на 872 вина од сортата „шардоне“ од 42 земји во светот. Вината на ова престижно натпреварување ги оценуваат судии со врвно меѓународно искуство. Скоро половина од судиите што ги оценуваа вината доаѓаат од Франција земјата од каде што потекнува оваа сорта на грозје. Наградите за вината на ВВ „Тиквеш“ се уште еден доказ дека и во Македонија со врвна технологија, посветеност и знаење може да се создаде висококвалитетно вино од сортата „шардоне“ кое е конкурентно на светско ниво.

На натпреварот „Chardonnay du Monde” кој годинава се одржа по 20-ти пат, вината се оценуваат според типизираноста и интензитетот на аромите.

„Наградите се одлична потврда за сите наши досегашни заложби да создадеме врвни вина во светски рамки, но истовремено креираат и нови повисоки критериуми кои освен што треба да се одржат, треба и да се надминат. Оваа награда која ја добивме на годинешново натпреварување на „Chardonnay du Monde“ е уште поважна за нас бидејќи уште еднаш покажува дека можеме да ги достигнеме и повисоките цели во нашата мисија да создадеме врвно вино кое добива и светска потврда“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба „Тиквеш“.
Престижниот светски натпревар „Chardonnay du Monde” има за цел да ги унапредува вината од сортата „шардоне“, како и да понуди експертиза и поддршка за натамошна промоција и позиционирање на наградените вина на пазарот, во услови на огромна конкуренција на вина и сорти од целиот свет. Вината на ВВ „Тиквеш“ од сортата „шардоне“ учествуваат и се наградувани на престижни меѓународни манифестации, како што се International Wine Challenge и Decanter што се одржуваат во Велика Британија, SIAL – во Франција, MundusVini во Германија.


Фотографии од работата на оценувачите од годинешниот натпревар…

Тиквеш

Тиквеш