Предизвиците на секојдневниот живот несомнено делуваат на нервниот систем, па на крајот на работниот ден се чувствуваме уморни, исцрпени и исфрлени од рамнотежа. Поради жестокиот дневен ритам, многу луѓе не можат да пронајдат соодветен ноќен ритам па често се борат со несоница поради која влегуваат во затворен магичен круг во кој нема одмор за мозокот. Наместо со таблети, подобро е нервите да ги третираме со витамини кои можеби им недостасуваат поради исцрпеноста на организмот, па поради тоа чувствуваме зголемена нервоза или анксиозност.

Меѓу витамините кои нашиот нервен систем најмногу ги користи се витамините од групата Б, а особено витамините Б1, Б6 и Б12. Витаминот Б1 или тиаминот има особено значајна улога во метаболизмот на јаглехидратите. Најмногу се наоѓа во лушпите на интегралните житарици (уште една причина плус да купуваме производи како интегрален ориз, тестенини, брашно…), потоа го има во квасецот, млекото, месото, овошјето и зеленчукот и јаткастите плодови. Витаминот Б1 им се препорачува на бремените жени, кои имаат поголема потреба од овој витамин, на оние кои дојат, на спортистите кои трошат повеќе енергија, но и на алкохоличарите, срцевите болни и на сите оние кои имаат проблеми со концентрација и учење, депресија, нервози, и така натаму.

Витаминот Б6 или пиридоксинот е уште еден во низата на витамини кои помагаат во работата на нервниот систем и без кои организмот не може да функционира, па е потребна разнолика исхрана за да може овој витамин постојано да се обновува во телото. Меѓутоа, иако недостатокот на овој витамин е штетен, за организмот не чини ниту кога го има во преголеми количини, па затоа е подобро да се внесува преку природни извори отколку преку таблети. Во групата на намирници кои содржат витамин Б6 се наоѓаат интегралните житарици (повторно), млекото, месо од птици, риба, банани, пченка, ореви, авокадо и други. Освен што помага во создавањето на црвени крвни зрнца, витаминот Б6 помага и кај несоницата, нападите на епилепсија, го поттикнува создавањето на имунитет и пренесувањето на нервните импулси. Отсуството на овој витамин може да се препознае по акни, егземи и слични воспаленија на кожата, слабост во мускулите, раздраззливост, умор, депресија и лошо расположение.

Иако сите витамини од Б комплексот влијаат на нервниот систем, витаминот Б12 е единствениот кој се складира во организмот и тоа по 10-12 години. Заедно со фолната киселина, овој витамин е исклучително важен за изградбата на нови клетки. Недостатокот на витаминот Б12 може да доведе до анемија, а учествува и во изградбата на заштитниот слој на нервните клетки кој е задолжен за пренесување на нервните импулси. Поради тоа, неговиот недостаток делува директно на помнењето. Витаминот Б12 и фолната киселина учествуваат и во производството на серотонинот, норадреналинот и допаминот кои се важни за доброто расположение. Недостатокот се манифестира преку нервози, депресија, умор, проблеми со кожата и косата, болки во мускулите и слично.

Овој витамин е природно присутен во голем број на намирници, па ако се храните разновидно, нема потреба од вештачко надополнување. Најмногу е присутен во храната од животинско потекло како џигер, туна, лосос, харинга, јајца, сирење… Пивото и киселата зелка се производи од растително потекло кои содржат големи количини на овој витамин.