За себе не можам да кажам дека сум голем гурман. Не дека не сакам јадење, или дека не уживам во него, туку сепак би се ставил во втората група на јадачи, а тоа се луѓе што јадат за да живеат. Првата група живее за да јаде!

Владо најчесто јаде “од нога”, во движење, дури и кога вози кола.  Но, кога има време, а и друштво , знае да заседне и да ужива во добар оброк.  Најголем порок му се домашните сарми. Обожава да јаде кинеската храна во ресторанот “Sвезден Океан” и ужива во одличниот избор на салати во Пелистер.

Кога одбира каде со својата ќерка да оди на ручек, негов избор е рибниот ресторан Биг Фиш, каде од менито избираат пастрмка. Втора проверена опција е пица во Боними.  Поради превкусната палачинка со Амарето, задолжително на десерт одат кај Дени во Четири сезони, каде што според него ја има најдобрата во градот.

Ни се пофали дека има своја филозофија кога станува збор за храната, па го замоливме да ни ја образложи. Со елоквенција на гуру, вели дека сите ние внесуваме многу повеќе храна од што ни е потребно! Тоа е само еден од многуте лоши продукти, што цивилизацијата ни го има донесено.

Нашиот дигестивен систем не е навикнат на трупање и бутање се и сешто… Човекот е сештојад… не е ни месар, ни вегетеријанец. Но порано се јадело еднолично. Ќе донесе ловецот срна и ја јаделе со денови… потоа ќе узрее нешто, па тоа, додека има… Од тука произлегува и најздравата диета.. да се внесува дневно само една работа… или јаглени хидрати, или белковини, или протеини…. Само така нашиот стомак ќе биде среќен и неоптоварен, а и многу благодарен! Кога ќе се набутаме со леб, компири, месо, па салата, па ракиичка, и на крај десерт!!!! Убаво е за устата, но не и за желудникот! Тоа е исто како во зоолошка да нема кафези! Урнебес!!! А само еден желудник имаме!…. Затоа треба да се јаде секој ден друго, но цел ден исто. Таа диета ми ја потврди една жена, што ги има пробано сите диети, што се разбира не и помогнале, само на тој начин ослабела 15 килограми без гладување, што е исто така многу глупав начин на слабеење…

Од своите патувања има интересни спомени кога станува збор за густирањето на храна. Најгрозно нешто што досега пробал е жива риба на едно од своите патувања во  Шведска, а највкусно нешто што пробал е  ражнич потопен во мармалад. Во Грција сум ждерел многу, но немаат супа ниту имаат избор за јадење со лажица. Во Америка се мајстори за хот дог и разна брза храна – не е ни чудо што се толку дебели, но немаат ниту бело сирење, ниту јогурт, без кој не можам! Во Бугарија не им ја можам скарата, каде што во секое мелено месо ставаат некаков ким и нема шанси со нашата, или српската скара. Кога сме кај скарата, на највисоко прво место е лесковачката скара, но во Лесковац!!! И свинско печење во Шумадија… и кајмак – разбира се!

За прашањето дали би одбил некоја храна за милион долари, вели дека за тие пари би ја пробал и повеќе пати!!! Ако можат други да ја јадат, можам и јас да ја повраќам!!