Здравјето на забите многу зависи од начинот на исхрана, а нивниот најголем непријател е шеќерот кој за време на конзумацијата бактериите го претвораат во млечна киселина која допринесува за расипувањето на забите.

Со секојдневна нега, правилна исхрана и редовна стоматолошка контрола можат да се спречат најчестите заболувања на забите – кариесот и парадентозата.

За да имате здрави и убави заби, потребно е да смените некои навики поврзани со конзумацијата на слатки јадења. Пред се, треба да го намалите количеството на шеќер во исхраната, па секое слатко, освен овошје, престанете да го конзумирате меѓу главните оброци.  Имено, за да имате здрави заби, многу е подобро да конзумирате слатко само еднаш дневно – и тоа во комбинација со еден од главните оброци.

Експертите исто така препорачуваат конзумирање на цврсти намирници за одржувањето на здравјето на забите. Цврстите намирници влијаат на мускулите на вилицата, го поттикнуваат џвакањето и излачувањето на плунката, која ги штити забите и ја намалува киселоста во устата. Пример за ваква храна е целерот. Не само што бара дополнително џвакање, туку е и намирница која ги масира непцата и го чисти просторот меѓу забите. За да имате здрави заби треба да јадете и многу кромид и магдонос – кромидот го неутрализира дејството на бактериите, а магдоносот обезбедува свеж здив.

Избегнувајте слатки. Што се тие поблаги, полепливи и што повеќе се задржуваат во устата, толку е поголема опасноста од расипување на забите. Ако веќе јадете слатки, настојувајте после нив да изедете некој од продуктите кои природно ги чистат забите, како на пример јаболко или морков. Имено, сировото овошје и зеленчук бара поцврсто, посилно и подолго џвакање кое само по себе придонесува за подобро чистење на устата, па на тој начин се намалува ризикот од расипување на забите.

Опасност за забите претставува не само јадењето на слатки, туку и пиењето на засладени пијалоци, чаеви и кафе. Исто така, ако сте преферирале бело вино наместо црно, бидејќи сметате дека истото не остава флеки на вашите заби, размислете уште еднаш. Германски истражувачи дојдоа до сознанија дека одредени бели вина како Шардоне на пример, имаат дури и поштетно дејство на забите отколку црното вино. Но внимавајте, ако после пиењето на чаша вино истрчате во бањата за да ги измиете забите, можете уште повеќе да ја зголемите штетата. Затоа е подобро да почекате со четкањето барем половина час после конзумирањето на виното. Но, не грижете се. Ако сепак сакате да уживате во белото винце, доволно е за време на конзумирањето на виното да изедете и неколку залчиња бело сирење. Калциумот во сирењето ќе помогне да се неутрализира киселината од виното.

А за да не испадне дека само ве предупредуваме за оние продукти кои лошо влијаат на забите, еве и некои добри кои навистина помагаат во одржувањето на оралната хигиена. Јогуртот, на пример, е одличен за здравјето на вашите заби бидејќи го спречува нивното опаѓање, ги штити непцата и го намалува ризикот од парадентоза. Потоа, тука се и јаболката и зелениот чај кој помага во уништувањето на бактериите во устата и го неутрализира непријатниот мирис. Понатаму, протеините, витамините и минералите имаат докажано голема улога за здравјето на забите и непцата, но за тоа ќе прочитате малку повеќе во вториот дел од овој натпис.