Иако правењето на скара може да биде забавно, оние кои се (со часови) врзани над решетката вртејќи и превртувајќи го месото честопати не мислат така. Компанијата BBQ Guru ги имаше на ум токму ваквите пасионирани скараџии кога го презентираше својот продукт CyberQ Wi-Fi кој вклучува сензори за контрола на температурата на скарата и на парчињата месо, а е безжично поврзан со мобилен телефон ил кои може далечински да се управува со скарата.

Уред комуницира безжично, но може да се управува и преку класичен интернет пребарувач, а освен што дава податоци за температурата на скарата во реално време, може дури и да испраќа електронска пошта до корисниците известувајќи ги кога одреден степен на печење е постигнат.

CyberQ далечинскиот управувач за скара може да послужи и како автоматски пилот за готвење бидејќи инструкциите за печење можат да се програмираат во него, а потоа тој сам ги извршува. Практично, скараџиите не мора да прават ништо освен да го проверуваат статусот на храната кој се прикажува на екранот на нивниот телефон или копјутер. Инаку, уредот чини околу 300 долари, а развива температура до 250 степени целзиусови и вклучува дополнителни опции од типот задржување на топлината на месото без да се пече (кога е готово, а ве мрзи да станете и да го извадите), звучни аларми кои одекнуваат кога месото е печено или кога има премногу скокови во температурата и слично.

И се би било одлично доколку компанијата BBQ Guru вклучеше и некаков начин печеното месо само да се вади од скарата и да се служи на масата. Не дека голем дел од нашите скараџии немаат далечински управувач за тоа (женооо, ај донеси ги кременадлите, готови се), ама сепак веруваме дека некоја друга варијанта ќе беше подобра.

Зарем не се согласувате со нас?