Жалфијата (salvia officinalis) е позната уште од најстари времиња, и тоа како лековито растение. Дури и нејзиното латинско име укажува на нејзините лековити својства бидејќи зборот salvia доаѓа од зборот што значи здравје или лечење (спасување). Античките Грци и Римјани особено ја користеле како лек и тоа за голем број на болести почнувајќи од каснување од змија па се до плодност и виталност. Многу често ја нарекувале  дури и S. salvatrix (спасителот). Иако во светот денес постојат околу 900 видови на оваа билка, сепак се мисли дека најквалитетната жалфија доаѓа од Далматинскиот регион во Хрватска.

Се користи како свежа или исушена билка, но имајте во предвид дека исушената жалфија има рок на употреба од само 6 месеци (потоа ја губи својата ароматичност) и треба да се чува во затворен сад и на темно место. Ако се користи свежа има вкус кој за многу е неприфатлив (јак), па треба да се додаде во јадењето уште на почетокот (за разлика од скоро сите останати зачини кои секогаш се додаваат на крај) бидејќи издржува поголеми температури, па затоа е идеална за јадења кои се подготвуваат подолго време.

Жалфијата е моќен зачин кој има тенденција да доминира. Има малку горчлив вкус и е многу ароматична. Поради тоа, нејзиното комбинирање со други, понежни билки, нема многу логика.

Се користи најмногу како додаток за јадења од месо и живина. Особено се препорачува за телешко месо, за кое често се вели дека само по себе има малку блуткав вкус. Исто така е одлична во комбинација со свинско, сирење, грав, и домати, но и други видови на зеленчук.

Најдобро се комбинира со лук и црн или зелен пипер.