Дали сте знаеле дека пробиотиците поволно делуваат на системот за варење, на имунитетот, го помагаат спречувањето на различни болести, а делуваат и на виткоста на телото. Гастроинтестиналниот систем ја претставува најважната врска помеѓу внатрешноста на човечкиот организам и надворешниот свет. Поради ова, системот за варење може да се смета како еден вид на “внатрешна кожа“, а неговата површина е околу 150 пати поголема од површината на кожата.

Исто така, во системот за варење се наоѓаат и најголемиот број на клетки кои му припаѓаат на имунолошкиот систем – дури 60%. Можеби ви звучи неверојатно што најголемиот дел од имунолошкиот систем се наоѓа токму во системот за варење, но ова е и тоа како логично, ако земеме во предвид дека системот за варење доаѓа во контакт со најгоем број на најразлични молекули и организми. Храната која ја конзумираме е во интеракција со нашиот систем за варење, а со тоа, таа делува и на функционирањето на имунолошкиот систем. Во нашите црева живеат околу милион бактерии, кои во принцип можат да се поделат на добри и лоши, односно патогени.

Што се пробиотици?

Во почетокот на 20-тиот век, рускиот бактериолог Др. Илика Метчникоф, инаку асистент на славниот Луј Пастер, бил првиот научник кој го открил позитивното влијание на бактериите на млечната киселина врз човековото здравје. Тој утврдил дека народот кој живеел во Бугарија има невообичено долг век на живот (за тоа време), а овој феномен бактериологот му го препишал на честото конзумирање на јогуртот и сличните производи.

Конзумирањето на ваквите производи доведува до зголемување на бројот на корисни бактерии во системот за варење, бидејќи пробиотичките видови на бактерии го инхибираат растот на помалку пожелните бактерии и го спречуваат создавањето на токсични соединенија. Пробиотичките култури кои најчесто се користат за збогатување на различните млечни производи се различни видови на бактерии од фамилиите Lactobacillus и Bifidobacterium.

Лактобацилите и бифидобактериите се вообичаени жители на цревата и нивната присутност упатува на постоење на здрава цревна флора. Крајниот производ на нивната активност се киселини со кратки ланци кои ја зголемуваат киселоста на цревата, создавајќи со тоа неповолни услови за растење и активност на штетните бактерии. Овие киселини исто така им служат и како “храна“ на ќелиите кои го градат ѕидот на дебелото црево.

Добрата рамнотежа во цревата можат да ја нарушат голем број на фактори: стресот, повишена температура, земање на лекови, а особено антибиотици, но и погрешниот начин на исхрана. Нерамнотежата на цревната микрофлора се поврзува со зголемување на ризикот од одредени болести, па затоа интересот за материи и микроорганизми кои позитивно влијаат на растот и активноста на корисните бактерии во системот за варење постојано расте.

Пробиотиците денес често се додаваат во млечните производи, а особено во ферментираните производи како јогуртот, но исто така и во млекото и сирењето. Меѓутоа, поради нивната се поголема популарност, пробиотиците почнаа да се додаваат и во различни други производи како бебешки формули, пивото, виното, пијалоците за спортисти. Многу видови на пробиотички бактерии традиционално се присутни во производството на храна веќе со децении. Така, бактериите од фамилијата Lactobacillus ги наоѓаме во закиселениот зеленчук (туршија), кој се конзервира со спонтано млечно киселинско варење.

Корисните бактерии, со својот метаболизам, создаваат неповолни услови за раст на патогени микроорганизми и ни помагаат од храната да ги добиеме сите потребни хранливи материи и енергија. Бактериите од двата рода кои беа спомнати погоре се наоѓаат во постојана меѓусебна игра, а нивната рамнотежа одредува голем број на функции во системот за варење, но делува и на здравјето на целиот организам.