За себе имал други планови и визии што би сакал да биде во животот. Една од нив е да е да се занимава со  актерство. Наместо тоа, случајно или не љубовта кон храната низ годините го донесе онаму каде што е сега, на позицијата главен готвач во еден од најдобрите македонски ресторани, скопскиот лаунџ бар Арабеска. Со повеќе од 25 години искуство, Коџак е правиот соговорник да поразговараме за многу теми поврзани со кулинарството.

Скопјани веќе те препознаваат како Коџак кој ја подготвува нивната омилена храна во ланч барот Арабеска, но ти не си нов во оваа професија, кажи ни од кога се роди кај тебе љубовта кон приготвување на храната?

Желбата и љубовта за приготвување на храна кај мене тлее уште од како паметам за себе. Од 1985 година започнав активно да се занимавам со оваа професија, но моето прво официјално искуство беше во мојот сопствен ресторан Липа кој започна со работа во 1998 година. Но, со текот на времето открив дека многу повеќе ми лежи италијанската кујна отколку традиционалната и затоа во 2000 година дојдовме до идеја да го сменам начинот на работа и мојот ресторан го трансформирав во кујна за италијански специјалитети.

Како се стигнува до титулата главен шеф? Што се треба да се поседува како квалитет за да се успее во оваа професија?

Ни малку лесно. Нормално со долгогодишна работа и се разбира со „минимален„ процент на интелегенција. За да бидеш главен шеф не треба да знаеш само да спремиш неколку специјалитети. Оваа работа е малку поодговорна. Како на пример, набавка на стока, изработка на норматив за работа, водење на магацин, правилно поставување и работа со твоите помошници, како и уште многу други работи кои се тесно поврзани со оваа професија.

Здравко Костовски –КоџакДали можеш да се пофалиш со тоа дека ова за тебе претставува работа од твоите соништа?

Па не би можел да кажам дека токму ова е работата за која отсекогаш сонував. Јас имав преголема желба професионално да се занимавам со актерството, баш како мојот татко. Но сепак знаете како велат: „Животот пишува романи“.

Колку е напорна работата во кујна како професионален готвач, дали има моменти кога ти доаѓа да се спакуваш и да речеш доста е?

Секоја работа си има своја тежина и бара одговорност . Понекогаш не исклучува и вакви моменти, имало и ќе има . Еве ќе ви илустрирам еден пример “ ако во една вечер имате 150 гости , сите со различни желби и вкусови , вие мора да бидете подготвени да им го погодите вкусот , помалку или повеќе солено , помалку или повеќе зачинето итн , а сето тоа мора да биде беспрекорно заради репутација и имиџот на ресторанот ”

Што најмногу сакаш да приготвуваш?

Дефинитивно тоа е италијанската храна. Сакам се што е италијанско, но нивната храна е мојата најголема слабост, како за приготвување, така и за консумирање.

Кое е јадењето кое најтешко ти оди за подготовка или можеби не постои такво?

Малку нескромно од моја страна, но кај мене не постои храна која не можам или која ми оди тешко да ја приготвам.

Дали ти се случило до сега да примиш необична нарачка и каква е таа?

Во мојата долгогодишна кариера имало многу необични нарачки. Но ќе издвојам две кои навистина направија да останам без коментар. Се случи еден господин да ми нарача пармезан салата без неговата главна состојка, пармезанот и шпагети карбонара, без сланина што всушност е пржени јајца со шпагети.

Дали уживаш да експериментираш во готвењето или пак повеќе ти лежи традиционалниот начин на приготвување на храната?

Јас сум тој тип на готвач што повеќе од сè сака да експериментира при приготвувањето на храната. Не паметам кога последен пат сум приготвил традиционално јадење. Секогаш од мојата кујна излегува нешто ново и необично.

За кого најмногу сакаш да готвиш?

Секако дека за гостите. Особено за оние кои знаат да го ценат трудот кој си го вложил за да им понудиш ремек дело од храна а потоа кои знаат и да наградат за добро завршената работа.

Знаеш ли често, надвор од работните активности да го изненадиш твоето семејство со некој вкусен специјалитет?

Јас ќе бидам искрен и ќе признам дека за  жал немам време за тоа.

Здравко Костовски –КоџакКога би требало да спремиш специјална вечера за ВИП гостин со што ќе се обидеш да го импресионираш?

Имаме поголема „импресионирачка палета„ ,  така да од самиот почеток на разговор со гостинот ке резултира и изборот.

Како би ги опишал гастрономските навики на нашиот народ? Имаме ли изградена култура, уживаме ли во ритуалот, го цениме ли добро подготвениот оброк или најчесто ние е најважно да е евтино и обилно?

На голема жалост, а со оглед на стандардот кај нас се бара обилно и евтино. Се разбира дека има и некој 15% кои навистина разбираат и уживаат во тоа, но гледано од комерцијален аспект ,тоа е мал процент на потрошувачи за еден ресторан како нашиот.

Со кого од светски познатите кувари би сакал да се запознаеш, да седнеш на ручек и да размените искуства?

Фаворит ми е Гордон Ремзи.

Во последно време, владее трендот, светски познатите готвачи да имаат сопствено телевизиско, кулинарско шоу. Дали можеме такво нешто да очекуваме во иднина и од тебе?

Да, можете да очекувате. За многу скоро време ќе изненадам, се надевам позитивно со мое сопствено кулинарско шоу. Но Ви предлагам деталите да ги оставиме за наредната средба затоа што верувајте дека се работи за проект за кој ќе треба посебно интервју.