Боровницата е повеќегодишна грмушка со потекло од Северна Америка, каде и ден денес овие плодови најмногу се одгледуваат. Свежите и зрели плодови имаат виолетова боја, а понекогаш можат да бидат и многу темни, дури и црни.

Боровниците се вистинска суперхрана. Полни се со нутриенти и имаат големо влијание на здравјето, додека истовремено се сиромашни со калории.

Здравствени предности на боровницата

Боровниците содржат широк спектар на хранливи материи, а најбогати се со манган, витамини Ц и К, и диетални влакна. Богати се и со калиум, калциум и фосфор, а уште повеќе се истакнуваат со содржината на фитонутриенти.

Боровниците содржат значително количество на пектин кој го снижува холестеролот, и антоцијанин – еден од најсилните антиоксиданти. Тој им дава сина, виолетова и црвена боја на овошјето и зеленчукот, а се смета и дека го намалува риѕикот од рак.

Плодовите од ова растение не се единствениот негов дел кој е корисен за здравјето. Имено, и листовите на боровницата имаат бројни лековити дејства кои се признаени во народната медицина. Од листовите се подготвува чај кој помага кај многу состојби како на пример пролив, воспаление на усната шуплина и хранопроводникот, како и шеќерни болести. Исто така, чајот може да го поттикне растењето на косата, ако редовно се масира во кожата на главата.

Како и останатите ситни овошја, боровниците имаат низок глихемиски индекс. Некои неодамнешни истражувања покажале дека боровниците добро влијаат на регулацијата на шеќерот во крвта кај лицата кои страдаат од дијабетес тип 2.

Редовното конзумирање на боровници поволно делува на крвниот притисок кај мажи и жени, без разлика на нивната старост. Во спроведените истражувања, пацијентите со повишен крвен притисок значително го намалиле систоличкиот и дијастоличкиот крвен притисок.

Боровниците ги штитат очите

Мрежницата на окото трпи голем ризик од оштетување, а боровниците имаат голема улога во намалувањето на тој ризик. Антоцијанините во боровниците ја штитат мрежницата на окото од стрес и од негативното влијание на сончевото зрачење.

Студиите ја потврдуваат улогата на антоцијанинот во лечењето на слабиот вид и намаленото видно поле. Антоцијанините делуваат на капиларите во мрежницата на тој начин што им ја зајакнуваат функцијата, а воедно ја спречуваат и дегенерацијата на жолтата дамка.

Ја чуваат младоста на мозокот

Меѓу најважните истражувања за влијанието на боровниците на здравјето е секако она кое покажало дека боровниците можат да бидат важен сојузник во борбата против Алцхајмеровата болест. Ова истражување било извршено на голема група лица со просечна старост од 76 години. По 12 недели конзумирање боровници, испитаниците покажале значително подобрување на тестовите за когнитивни функции.

Авторите на ова истражување се уверени дека боровниците не се корисни само за подобрување на меморијата. Тие го одложуваат појавувањето на други когнитивни проблеми поврзани со стареењето, па затоа можат да имаат значајна улога во третирањето на Алцхајмеровата болест.

Позитивните влијанија на боровниците

  • го намалуваат нивото на холестерол
  • помагаат кај дијабетес тип 2
  • го намалуваат високиот крвен притисок
  • го подобруваат помнењето и другите когнитивни функции
  • спречуваат инфекции на уринарниот тракт
  • ги смируваат менструалните тегоби
  • го подобруваат растењето на косата
  • го штитат здравјето на окото

Конзумирање и чување на боровниците

Како и останатите овошки, свежите боровници имаат најдобар вкус и најголема прехрамбена вредност. Свежи можат да се најдат на пазаритево сезоната кога зреат, а во маркетите се достапни смрзнати во текот на целата година. Ако купувате свежи боровници, изберете ги оние кои имаат свежа и изедначена боја. Протресете го садот во кој се наоѓаат. Ако зрната не се движат слободно, тоа може да значи дека се меки, оштетени или почналеда скапуваат.

Ако купувате смрзнати боровници во ќеса, протресете ја да проверите да не се случајно зрната залепени едно за друго. Ова би можело да значи дека биле одмрзнати и повторно замрзнати.

Ако самите ги замрзнувате боровниците, отстранете ги сите оние зрна кои се здробени или меки. Ако ги јадете свежи, не ги мијте сите веднаш, туку само онолку колку што планирате да изедете во моментот.

Можете да ги чувате во затворен сад во ладилник, до 3 дена. Од нив можете да подготвувате сокови, џемови, слатко, колачи, сладолед, можете да ги додавате во шејкови, овошни салати или во оброци со житарици.