Зелениот чај води потекло од Кина и Јапонија и за него се знае веќе неколку илјади години, судејќи според легендата за зелениот чај од 2750 г. п.н.е., а го има откриено кинескиот цар Шен Нунг. Исто како белиот и црниот чај, и зелениот се добива од растението  Camellie sinensis, а трите чаеви се разликуваат по начинот на подготовка и обработката на лисјата – зелениот чај брзо после берењето се обработува со водена пареа (јапонска традиција) или се пржи во тава со што се спречуваат промените во лисјата поради оксидација (кинеска традиција). Постоењето на одредени ензими како полифенол – оксидази, пептидази, алкохол – дехидрогенази ги предизвикува промените на протеините, масните киселини, аминокиселините и полифенолите кои ги одредуваат различните видови на чај, нивните лековити својства и различниот вкус, кој меѓудругото се одредува и со потеклото и начинот на одгледување на билката. После термичката обработка, листовите на зелениот чај се пресуваат и замотуваат во карактеристични форми со различна големина кои исто така делуваат на неговите карактеристики.

Зелениот чај содржи преку 300 состојки, од кои најпознатата е кофеинот со застапеност од 1-5%. Освен кофеин, зелениот чај содржи и ксантански алкалоиди (теофилин, теобромин, диметилксантин, ксантин, аденин), полифеноли кои ги има од 5 до 27%, витамини од групата Б и аскорбинска киселина, етерично масло, протеини, хлорофил, органски киселини, аминокиселини и други. Една шолја чај содржи околу 50-100 мг кофеин и 300-400 мг полифеноли кои го обезбедуваат антиоксидантското дејство на чајот.

Чајот делува на зголемување на активноста на ензимите и детоксикациските процеси во тенкото црево, џигерот и белите дробови и го спречува делувањето на ензимот урокиназа кој ги храни канцерогените клетки. Превенцијата на појава на канцерогените клетки се постигнува преку стопирање на настанокот на нитрозамин, што особено се случува ако зелениот чај се конзумира заедно со храната. Голем број на истражувања потврдиле дека зелениот чај помага во спречувањето на појавата на рак на белите дробови, гастроинтестиналниот тракт и на оние ракови кои зависат од естрогени, како ракот на дојката. Исто така, чајот делува на атеросклероза, висок холестерол, високо ниво на триглицериди, а го зајакнува и целокупниот имунитет на човечкиот организам.

полиња со зелен чај

Како негативен ефект на зелениот чај се наведува единствено преголемата количина на кофеин кој делува на нервниот систем и може да предизвика анксиозност и несоница, особено ако се конзумираат повеќе од две шолји зелен чај дневно. Ноедамнешните истражувања особено ја истакнуваат вредноста на Л-теанинот кој ја зголемува способноста за учење, ја подобрува концентрацијата, ги смирува нервите, го намалува крвниот притисок, ги ублажува симптомите на ПМС, а освен тоа, ги ублажува и негативните последици од кофеинот. Теанинот исто така делува и на зголемување на нивото на допамин во мозокот, што предизвикува чувство на задоволство, на цревната микрофлора преку уништување на несаканите бактерии, на намалување на појавата на забен каменец и крварења на непцата, помага при претерано изложување на сонце, кај главоболки и во превенција на болестите на срцето и крвните жили.

Најголем ефект зелениот чај има ако е подготвен на тој начин што една кафена лажичка чај се прелива со 200 мл зовриена вода која е оладена до 70 степени целзиусови. Откако ќе се прелие, чајот треба да се остави да отстои помеѓу две и пет минути, а потоа да се испие незасладен, бидејќи во спротивно му се намалуваат лековитите својства.