Путерот е млечен продукт добиен по пат на сепарирање на мастите од пресно, најчесто кравјо млеко или павлака, но може да се добие и од овчо, козјо или биволско млеко. Во Монголија се добива од млеко на јак (масивен вол кој живее на високите тибетски висорамнини), а во Индија и некои држави во Африка се добива од млеко на зебу (познато уште како „грбаво говедо“). Путерот се добива по пат на интензивно расклатување во т.н. мучкалици, а од 1878 година, со појава на сепараторите, започнува негово масовно производство.

лепче со путерчеИнаку, путерот претставува емулзија од млечни масти и вода при што мастите прават дисперзна средина, а водата прави дисперзна фаза. Поедноставно кажано, ситните капки од водата (фаза) се распределени меѓу ситните капки од маснотијата (средина). Инаку, ако не сте знаеле, павлаката исто така претставува еден вид емулзија меѓу масло и вода, само што во овој случај, капките од водата се дисперзната средина, додека капките од маслата се дисперзната фаза (обратно од она кај путерот).

Путерот содржи од 50 до 82 % млечни масти и претставува комплекс од добро избалансирани заситени масни киселини, фосфолипиди, витамини, млечни протеини (белки), јаглехидрати. Од витамини во путерот се присутни витамините растворливи во масла А, К, D, Е и тие се во таква форма што добро се усвојуваат од страна на човечкиот организмот. Путерот има ниска температура на топење (32-35 С) и ниска темперартура на стврднување (15-24 °C), но има и определено количество на холестерол, околу 200 мг на 100 г путер.

Путерот е со светло жолта, но може да биде и со потемна нијанса, што зависи пред сè од квалитетот на млекото. Бојата лесно се корегира со помош на прехрамбени бои, најчесто со каротен. Во путерот се додава сол, конзерванси, ароми. На светските пазари се продава путер со разни додатоци како на пример какао, мед, ванила, шеќер.

Зошто е полезен путерот?

Еден период на путерот неправедно му се припишуваше придавката „штетен продукт“ за исхрана. Навистина е доста калоричен, 1 г содржи 7,29 Ккал, меѓутоа калориите не се секогаш штетни за организмот, а ако се земе во предвид дека, барем за сендвичи, се користи мала количина, тогаш и не е тоа толку многу. За млечните масти во путерот се знае дека поседуваат ценети биолошки квалитети, тие даваат енергија и топлина на телото, а полезноста на витаминуте присутни во него не е потребно посебно да се нагласува. Тие влијаат на правилен раст на коските, го подобруваат видот и состојбата на кожата и косата.

Полезноста на путерот е резултат, покрај другото, и на присуството на фосфолипидите. Тоа се сложени масти кои влегуваат во составот на сите живи ќелии, нервните влакна, а учествуваат во транспорт на мастите, масните киселини и холестеролот. Според тоа, присуството на фосфолипидите во путерот го прави уште покорисен. Путерот е корисен кај личности кои патат од лошо варење на храната во желудникот, а особено е корисен за деца.

Да заклучиме. Путерот не е штетен. Како и сè друго, така и путерот, при умерени дози на консумирање може само да му донесе само корист на организмот.