Возрасен човек содржи од 1,5 г до 3 г цинк. Утврдено е дека најголемиот процент од цинк се наоѓа во леукоцитите и еритроцитите, во очната мрежица, црниот дроб и бубрезите, а помалку во косата. Кај мажите цинкот е присутен во простатата и спермата. Цинкот влегува во составот на голем број ферменти, при што некои од нив ги активира, а некои ги инхибира, составен дел е на инсулинот и е неопходен за формирање на протеини (белки), како и за молекулите на нуклеинските киселини.

Зошто е потребен цинкот?

Цинкот учествува во околу 200 реакции во организмот, поттикнати од разни ферменти. Тој го засилува дејството на некои хормони од половата жлезда, хипофизата, надбубрежната жлезда, го подобрува формирањето на хемоглобинот и еритроцитите и го зголемува ИМУНИТЕТОТ на организмот. Цинкот учествува во разложување на јаглехидратите (шеќери), мастите и протеините и одлично ја отстранува алкохолната интоксикација.
Цинкот посебно е битен за мажите затоа што учествува при формирање на машките полови хормони и ја подобрува функцијата на простатата. Цинкот ја подобрува состојбата на забите и е неопходен за нормална состојба на кожата. Тој има важна улога при синтезата и делењето на ДНК молекулите.

Цинкот е неопходен кај бремените жени и тоа во првите три месеци. Развитокот на плацентата во тој период бара поголемо количество цинк. Имено, во тој период бремената жена е осетлива на некои мириси. Нештата што порано и се допаѓале, сега ја тераат на повраќање. Сето тоа е резултат на недостаток на цинк во носните рецептори. Кај бремените жени, цинкот учествува и при формирање на мозокот, очите, срцето, коските, белите дробови на бебето, а исто така влијае на запазување на потполниот рок на времетраење на бременоста. Цинкот ги подобрува чувствата за вкус и вид, и е еден од елементите кој најмногу е застапен во очите. Тој учествува во создавање на солната киселина во желудникот, влијае на контракции на мускулите и го регулира киселинско-базниот баланс.

Интересно е дека во почетокот на половото созревање на децата (пубертет), цинк им е повеќе потребен на машките одошто на женските деца. Познато е дека со возраста, кај мажите се зголемува ризикот на заболување на простатата. Обично ова завршува со операција. Меѓутоа, во последно време често се говори дека, доколку болеста не земала замав, може успешно да се лечи со храна богата со цинк или да се внесуваат додатни таблетки од цинк. Голем број лекари сметаат дека ова заболување е прдизвикано токму заради недостаток на цинк во организмот.

Цинкот помага за лечење на младешките бубулици, раните, а изгорениците побрзо зараснуваат. Тој помага при лечење на анемијата, чир на желудникот, реумата. Правени се експерименти на луѓе болни од реума. Давано им е таблетки кои содржат 50 мг цинк во форма на цинк сулфат. По 12 недели пациентите се чувствувале значително подобро, не ги мачеле болки во зглобовите и можеле полесно да се движат. Слични испитувања се правени и на луѓе болни од чир на желудникот и таму резултатите биле задоволувачки. Утврдено е дека цинкот помага при лечење на една од најлошите болести т.н. старачка сенилност, иако на лекарите сеуште не им е познат механизмот на делување на цинкот.

Правени се експерименти на мерење на содржината на цинк во косата на група студенти. При тоа се констатирало дека кај оние студенти чие ниво на цинк во косата бил повисок, тие учеле полесно во споредба со оние чиие ниво на цинк во косата бил помал. Тоа НЕ значи дека ако внесете поголемо количество цинк ќе станете Ајнштајн, но сепак утврдена е релација меѓу содржината на овој (а и други) микроелемент(и) и умствената и физичката способност на човекот.

Утврдено е дека цинкот и бакарот меѓусебно се поврзани и заедно делуваат на работата на некои ферменти. Според тоа добро е да се запазува балансот меѓу ови два елементи.

Недостаток на цинк во организмот

Дефицитот може да се појави како резултат на намалена дејност на штитната жлезда, заболен црн дроб, слаб внес на храна богата со цинк. Недостатокот на цинк е причината за тешко зараснување на раните, груба кожа, лош апетит, нарушување на осетот за вкус и мирис, низок раст, зголемување на црниот дроб и слезинката, анемија, дијабетис, остеопороза, замор, нервни заболувања, кожни болести, нарушена функција на имунолошкиот систем. Недостатокот на цинк кај бремени жени може да доведе до усложнување на бременоста, а понекогаш и до исфрлање на плодот од мајката. Испитувањата покажале дека ако бремената жена секојдневно внесува препарат од цинк во умерени дози, на пример 22 мг, овозможува да роди покрупно бебе.

Дневна потреба

Дневната потреба од цинк е од 10 до 15 мг. Кај бремените жени, доилките и вегетаријанците оваа норма е поголема.

Каде се наоѓа цинкот?

Во принцип цинкот е застапен во продукти од животинско потекло и кога се зема преку нив, цинкот добро се усвојува од страна на човекиот организам. Богати со цинк се внатрешните органи (црниот и белиот дроб, бубрезите, срцето, јазикот), печурките, плодовите од мешункастите ратенија (или легуминозни растенија) како на пример: сојата, гравот, грашокот, луцерката, ф`стаците, кикиритките. Цинкот е застапен во триците, но и во квасецот (пивски или пекарски). Зеленчукот и овошјата се сиромашни со цинк, па токму затоа вегетаријанците и оние кои не јадат месо имаат недостаток на цинк кој, инаку, може да се надополни со консумирање на црн леб направен од интегрални брашна.
По правило, продуктите богати со цинк исто така се богати и со витамини, особено оние од групата В, но и со прехрамбени влакна.

Во листата подолу е дадена содржината на цинк во некои продукти.

Продукт/100 г

Пекарски квасец 9,97 мг
Сусам 7,75 мг
Семки од тиква 7,44 мг
Варено говедско месо 7,06 мг
Кикирики 6,68 мг
Какао 6,37 мг
Семки од сончоглед 5,29 мг
Варен говедски јазик 4,80 мг
Пуканки 4,13 мг
Жолчка од јајце 3,44 мг
Интегрално пченично брашно 3,11 мг
Ореви 2,73 мг
Масло од кикирики 2,51 мг
Кокосов орев 2,01 мг
Сардини 1,40 мг
Варен грав 1,38
Варена леќа 1,27 мг
Варен грашок 1,19 мг
Цело јајце 1,10 мг
Конзервиран лосос 0,92 мг
Туна во масло 0,90 мг
Варени печурки 0,87 мг
Варен спанаќ 0,76 мг
Сушени кајсии 0,74 мг
Интегрален ориз 0,63 мг
Пченка 0,48 мг
Варен бел ориз 0,45 мг
Млеко 1,6% масленост 0,39 мг
Млад кромид 0,39 мг
Варена брокула 0,38 мг
Авокадо 0,31 мг
Црвена зелка 0,31 мг
Ротквици 0,30 мг
Варен морков 0,30 мг

Важно е исто така да се напомене дека витамините А и В6 помагаат при усвојувањето на цинкот во организмот.