Натриумот и калиумот се два важни елементи за нормален раст и добра состојба на организмот. Тие се антагонисти, односно високата содржина на натриум доведува до намалување на калиумот и обратно. Натриумот е присутен скоро во сите органи, ткива и сите течности во организмот (крвта, лимфните и дигестивните сокови). Заедно со калиумот, тој е меѓу најпотребните минерали во организмот. Околу 50 % од натриумот се наоѓа во течностите на организмот, околу 40 % во коските и `рскавиците и само 10 % во клетките. Организмот на возрасен човекот содржи околу 90 г натриум.

Дневна потреба од натриум

Дневната потреба од натриум за возрасен здрав човек изнесува 4-6 г што е соодветно на 10-15 г сол. Неполна лажичка готварска сол е доволна да ја задоволи дневната потреба од овој елемент. Поголеми потреби од натриум имаат лицата кои се занимаваат со тешка физичка работа, при обилно потење, но и при големи повраќања и проливи. Меѓутоа, лица кои имаат ревматизам, воспаление на белите дробови, дијабетес, срцеви заболувања, заболени бубрези и друго треба да внесуваат намалена количина на натриум.

Зошто е важен натриумот?

Натриумот има важна улога во процесите на размена на материјата во клетките и надвор од клетките. Заедно со калиумот учествува во создавање на нервниот импулс, влијае на состојбата на мускулите и кардиоваскуларниот систем. Взаемниот сооднос на натриумот и калиумот имаат важна улога за одржување константен крвен притисок и константна размена на течностите во организмот. Токму затоа, многу е важно балансирано да се внесуваат овие два елементи, натриумот и калиумот. Уште една важна работа е дека јоните на натриумот и хлорот имаат главна улога при издвојување на солната киселина во желудникот.

Натриумот, штом ќе навлезе во желудникот веднаш започнува да се апсорбира, но главно тоа се случува во танките црева. И заради тоа што натриумот главно е присутен во течностите на организмот, натриумот има важна улога во процесите на размена на меѓуклеточните течности. Тој се јавува како основен катјон на течност во организмот и при тоа го регулира крвниот притисок, го регулира движењето на водата, го нормализира киселинско-базниот карактер на организмот. Електролитната средина која ја создаваат натриумот и хлорот е неопходна за нормално функционирање на нервните импулси. Благодарение на натриумот, гликозата навреме навлегува во клетките, снабдувајќи ги со енергија. Ошто познато е дека гликозата (и сите јаглехидрати) се најдобар извор на енергија за организмот, нели?

Инаку, натриумот го истиснува калиумот од организмот и во тој случај МОРА да се смали количината на натриум, односно на сол што се внесува во организмот. Всушност, натриумот ја задржува водата и не дозволува да настане дехидратација на клетките, но вишок на натриум во организмот развива хипертензијата (зголемен крвен притисок). Значи, при нарушен баланс на натриумот и калиумот, се нарушува крвниот притисок и размената на течностите во организмот. Инаку за содржината на натриум во организмот се одговорни бубрезите. Тие се способни или да го издвојат или да го задржат натриумот во организмот, а тоа зависи од начинот на исхрана на човекот. Ако бубрезите работат добро (тие се здрави) и исхраната е балансирана, тогаш во организмот не може да дојде до недостаток на натриум. Токму тоа е и задачата на бубрезите.

Недостаток на натриум (хипонатремија)

Недостаток на натриум во организмот се случува кога малку се конзумираат продукти кои содржат натриум, при консумирање на несолена храна, долготрајни диети, некои болести на органите за варење, диети со мала содржина на сол, примање на диуретици. Недостатокот се јавува и при обемни мокрења, пролив, повраќања. Докажано е дека при потење заедно со потта излегува и натриумот од организмот.

Предзнаци за недостаток на натриум (ако се внесува дневно помалку од 0,5 г) се сува кожа, чести грчеви во мускулите, нагон за повраќање и повраќање, апатија, сонливост, намалување на крвниот притисок, тахикардија, отсуство на мокрење, човекот го мачи постојана жед, низок крвен притисок.

Инаку, недостатокот на натриум самиот организам си го надополнува благодарение на тоа што натриум се акумулира во коскеното ткиво. Меѓутоа, долготрајниот недостаток на натриум може да доведе до забрзан распад на протеините, а со тоа и се зголемува содржината на азотот во организмот.

Вишок на натриум

Да се зголеми количината на натриумот е лесна работа, но да се намали, е тоа е малку потешко. Тоа значи дека човек треба да се откаже од нешто што многу го посакува. Треба да се откаже од убавото и солено сирење (овчо, кравјо или козјо), од колбаси, од вкусната и здрава кисела зелка, а домаќинката треба да се откаже од употребата на сода бикарбона. Можеби и тоа нема да биде толку тешко ако ви е познато дека злоупотребата на готварска сол значи зголемен внос на натриум, а тоа води кон задржување на течноста во организмот, појава на отоци, отежната работата на срцето, но и кон зголемен крвен притисок, а лицето покажува хиперактивност, лесно се возбудува и го мачи жед. Во такви случаи, неопходно е да се конзумира колку што е можно помалку сол (од 0,5 до 3 г дневно).

Каде се наоѓа натриумот?

Главен извор на натриум за човечкиот организам претставува готварската сол. 100 г сол содржи околу 40 г натриум, а една чајна лажичка сол – околу 2 г натриум.
Натриумот се среќава во голем број продукти. Го има во морковот, цвеклото, артичок, мешункастите растенија, житарките, во бубрезите и мозокот на животните, шунка, алги, млеко, сирење, домати и сок од домати. Го има и во некои билки, како на пример во целерот, глуварчето, цикоријата но во мала количина.

Исхраната на човекот вклучува во себе голем број готови продукти кои се солени. Така на пример: сирење, урда, разни зимници, кисела зелка, маринирани продукти, колбаси, тука може да се вбројат и различните намази, сосови, и што уште не. Солта е присутна во секое јадење. Ако човек консумира многу вакви прехранбени продукти, најверојатно внесува вишок на сол. Здравиот организам може да се справи со вишокот, но доколку постојат некои здравствени проблеми тогаш прво што треба да се стори е да се намали, колку што е можно повеќе, конзумирањето на такви продукти. Со оглед на тоа што нашата исхрана е богата со сол (нели скоро се досолуваме), дневната потреба на натриум обично ги задоволува потребите на организмот, а понекогаш дури се јавува вишок.

Запомнете. Човечкиот организам може да ги користи само органските материјали. Според тоа на организмот му е потребен природен, односно органски натриум, а не готварска сол. Кога ќе се каже органски натриум се мисли на натриум присутен во продукти за исхрана, а не готварска сол. Ако во својата исхрана внесувате морков, цвекло или се она што е напишано во листата подолу, тоа значи дека сте внеле органски натриум. Во сите овие продукти има доволно натриум за да ги задоволи потребите на организмот.

Содржина на мг натриум во 100 г од одредени прехранбени продукти.
Овесни снегулки 60 мг
Пченкарни снегулки 660 мг
Бел ориз 2 мг
Кисела зелка 800 мг
Боранија 400 мг
Цвекло 260 мг
Корен од целер 125 мг
Лист од целер 100 мг
Спанаќ 85 мг
Шампињони 70 мг
Компири 30 мг
Грашок 20 мг
Домати 20 мг
Суво грозје 100 мг
Банани 54 мг
Шипинки 30 мг
Урми 20 мг
Црна рибизла 15 мг
Јаболко 8 мг
Круша 3 мг
Кравјо млеко 120 мг
Урда 30 мг
Сирење ~800 мг
Јајца 100 мг
Говедско 78 мг
Телешко 100 мг
Свинско 80 мг
Риба 50-100 мг
Туна во конзерва 500 мг