Сезоната на вишни е пред нас, па добро е да се обидеме да дознаеме кои корисни состојки ги има ова овошје, и зошто би требало да ја конзумираме редовно и во поголеми количини. Вишните се исклучиво здраво овошје. Нивната примена е разновидна, па од нив може да се направи џем, компот, можат да се искористат во колачи или да се конзумираат свежи. Иако малку се зборува за ова, вишните му помагаат на телото да се одбрани од многу болести. Затоа, ви даваме неколку здрави причини зошто вишните би требало да се најдат на вашето мени.
Ги олеснуваат болките во зглобовите
Едно од здравите својства на вишните е токму нивната боја, која е богата со антиоксиданти кои инаку ги има во виното и во грозјето. Нивната улога е да ги неутрализираат ензимите кои предизвикуваат различни воспаленија во организмот, а помагаат и во осободувањето на болката од зглобовите и мускулите.
Го чуваат дебелото црево
Ова моќно овошје е богато со анти-канцерогени елементи, а резултатите од некои истражувања дури покажале дека вишната делува превентивно на настанувањето на тумори во дебелото црево.
Го подобруваат видот
Киселите вишни содржат 19 пати повеќе бета каротен од количината која се среќава во боровниците, а витаминот А помага да се сочува видот.
Го контролираат холестеролот
Вишните се многу богати со пектин, влакно кое превентивно делува против болестите на срцето, крвните садови, а го регулира и нивото на холестерол во крвта.
Го подобруваат сонот
Вишните, заедно со кајсиите, сливите и праските, спаѓаат во групата на овошја кои содржат најмногу мелотонин, природен хормон кој го регулира процесот на спиење.