Ако се одлучите сами да `ртите никулци треба да се обрне внимание на неколку важни работи.

1. Зрното треба да биде цело, па според тоа сите оние зрна кои се скршени, мора да се отстранат, тие нема да из`ртат.

2. Семето мора да биде термички и/или хемиски НЕОБРАБОТЕНО. За оваа цел семето се набавува од специјализирани продавници, или од пазар каде можат да се најдат домашни семиња, НИКАКО ОД СЕМЕНАРИТЕ.

3. Бабрењето на зрната најдобро се остварува во стаклен, керамички или порцелански сад.

Како се `ртат никулците?

Процесот на добивање на никулците е едноставен, лесен и бара само малку внимание. Во продолжение, ќе се обидам накратко и колку што е можно појасно да го опишам овој процес.

`Ртењето може да се оствари на три начини. Првиот и наједноставен начин е во тегла прекриена со газа. Постојат специјални тегли со перфорирани капаци за да може теглата да се накоси, водата да се исцеди, а при тоа да не испадне семето. Јас лично такви не сум сретнала кај нас. `Ртењето може да се оствари и во порцеланска или стаклена чинија обложена со памучен материјал. Постои специјален уред наречен спраутер со неколку нивоа каде што може да се `ртат повеќе видови семиња. Но, ве уверувам дека користење на обична тегла прекриена со газа е наједноставниот, и секому достапен начин.

`Ртењето на никулците започнува во вечерните часови (не е  баш задолжително, може и преку ден). Семето добро се мие, се сместува во тегла, а теглата се полни со вода и се остава да преноќи. Во овој период семето набабрува (за некои семиња, како на пример лен или коноп, бабрењето може да трае пократко). Пожелно е првата вода се исфрли после 1 – 2 часа, а заедно со неа ќе се отстранат и оние семчиња кое пливаат на површината на водата (тие се празни и нема да из`ртат). Ова се препорачува затоа што во првата вода ќе се растворат голем дел од штетни состојки кои, евентуално, се наоѓаат на самите зрна. Но, иако ова е препорачливо, штетата не е голема ако ова не го направите. После тоа семето се залева со вода и се остава да кисне 6-12 часа. Следното утро, теглата се покрива со газа, се зацврстува со обично ластиче и низ неа се цеди водата. Во теглата не смее да остане вода. Велат дека СЕМЕТО НЕ САКА ВОДА, НО ЗАТОА САКА ВЛАГА. Теглата се остава по можност на темно место накосена на едната страна (за да може вишокот вода да се слее). Значи, пожелно е да ја поставите малку накосена, свртена со отворот надолу и врз некоја подлабока чинија или сад, и тоа на некое темно место или барем место каде што не допираат директно сончевите зраци. Вака подготвената тегла се остава да мирува. Многу, многу е важно да се запомни дека семето во теглата треба 2 до 3 пати на ден се промие со вода. Тоа е едноставно, во теглата се сипа вода, се меша и водата се цеди низ газата. На тој начин семето се снабдува со потребната влага, а истовремено се промива и се штити од евентуално мувлосување. Откако водата е исцедена, теглата повторно се накосува и се става на своето место. Во зависност од видот на семето што се рти, по 2-3 дена веќе почнуваат да се појавуваат првите никулци. Откако никулците ќе израснат од 1 до 3 см, понатаму можат да се чуваат во ладилник неколку дена, најмногу  една седмица, но и тогаш треба да се промиваат, барем еднаш на ден. Во ладилникот тие ќе продолжат да растат.

Плакнењето на почетокот на семето, а покасно на никулците не смее да престане ниту еден ден. Во спротивно, семето или ркулците може да мувлосаат. Ако тоа се случи, не размислувајте, и веднаш исфрлете ги.

За да не се случи семките или `ркулците да мувлосаат, тие треба да се дезинфицираат. Јас тоа го правам со помош на слаб раствор од калиум перманганат (го има во секоја аптека, многу евтин, но ефикасен). Во мало темно шишенце снабдено со капалник се става половина лажичка од кристалите, се додава вода и се меша. Ќе се добие многу темен раствор. Од овој раствор се ставаат 1 до 2 капки во теглата во која веќе е додадена водата. При тоа водата ќе добие многу слабо розово обојување.  Се оставаат `ркулците да стојат во овој раствор не повеќе од 5 секунди, потоа растворот се истура (понекогаш розовата боја може и да исчезне) и добро, добро, добро се мијат. Не смее да се претерува, концентриран раствор од перманганатот ќе ги оксидира и уништи `ркулците. Многумина советуваат ова да се прави при последното плакнење на никулците, односно вечерта пред легнување, па така тие следното утро ќе бидат спремни  за конзумирање.

На прв поглед се чини дека е неверојатно, но во само неколку часа или денови на `ртење, семињата создадаваат витамини чија содржина може да се зголеми до 50 пати, а кај мешунките – дури и до 600 пати! Ова е многу важно и не смее да се заборави, но повеќе за ова ќе прочитате во следната статија посветена на никулците.

Доколку саката да дознаете повеќе нешта за никулците, кликете на следните линкови:

– Никулци
– Видови на никулци
– Зошто, како и кога треба да се конзумираат никулците?